Дали ви се случило да се разбудите со насмевка на лицето, задоволни од синоќешното сексуално искуство, но неколку секунди по отворањето на очите да сфатите дека тоа било само сон? О, не! Само кога ќе помислите на нештата кои сте ги правеле, ви се зацрвенуваат образите. А, кога кон нив ќе го додадете и фактот што другата личност била вашиот пријател/ вашиот шеф/дечкото на ваша пријателка/згодната инструкторка по фитнес, ви доаѓа да си го скриете лицето од срам.
Не се засрамувајте, не паничете, не драматизирајте. Нема ништо лошо во тоа да имате секс со личност која не е ваш партнер, но само додека тоа е во светот на соништата. Всушност, сексуалните соништа не ги одразуваат вашите реални сексуални побуди, но можат да ви соопштат важни информации за вас и вашиот карактер, кои можеби свесно не би ги откриле.
Првото прашање кое ви паѓа на ум по една таква возбудлива ноќ веројатно е: „Што значи мојот сон?“. Дали тој навестува дека имате чувства кон личноста која ја сонувавте, или ја претскажува вашата иднина, или пак, вади на површина некоја ваша скриена сексуална фантазија?
Сексуалните соништа ги рефлектираат вашите желби, амбиции, грижи, стравови, па дури и чувствата кои ги потиснувате во себе и со кои се плашите да се соочите во реалноста. Секоја личност со која сте имале секс во соништата ви испраќа различна порака.
Секс со бившиот
Поранешните партнери се многу популарни актери во женските соништа. Бившиот може да ја добие главната улога во вашите соништа и да предизвика сомнеж дали навистина сте го преболеле или дали можеби треба да му дадете втора шанса или… Стоп! Застанете тука, затоа што насоката во која се движите е погрешна. Вратете се назад и наместо да мислите на бившиот, фокусирајте се на чувствата од сонот.
Независно дали првото нешто кое ви доаѓа на памет е страста, возбудата или одличната комуникација, сфатете го тоа важна порака. Бившиот е тука, на вратата на вашите соништа, за да ве потсети што ви недостига во реалноста. Го сонувавте бившиот од средно или од факултет? Тој ја симболизира слободата што сте ја имале пред да стапите во брак, пред да се вработите и да имате стотици обврски секој ден. Имавте секс со поранешното „лошо“ момче? Тоа значи дека ви недостига авантура и спонтаност во вашиот љубовен живот.
Најчесто овие соништа се појавуваат кога вашата моментална врска ќе стане рутинска или за време на сушен период. Сметајте го сексот со бившиот за предупредување дека врската ви е во опасност и дека треба да направите нешто за да ја спасите од монотонијата.
Секс со шефот
Упс, незгодно нели? Да се забавувате со шефот цела вечер може само да ве натера да земете слободен ден за да не го гледате неговото лице, но тоа нема да ви помогне.
Можеби шефот ве привлекува и во реалноста, но може и да ви е одбивен, тоа не е важно. Сонот во кој имате секс со шефот значи дека копнеете да имате поголема контрола над нештата кои се случуваат во вашиот живот. Сакате да станете поавторитетни и сте свесни дека поседувате лидерски способности, но не ги покажувате доволно.
Секс со колега/пријател
Како да се појавите на работа пред колегата со кого синоќа го делевте истиот кревет? Како да го погледнете вашиот пријател в очи, кога претходната вечер ве бакнуваше по целото тело?
Наместо да кревате паники и да бегате како избезумени од него, размислете која црта од неговиот карактер најмногу ви се допаѓа. Запрашајте се со што тој се издвојува од другите. Можеби вашиот колега е миленик на шефот, има неверојатни ораторски вештини или едноставно е преамбициозен и целосно посветен на кариерата. Можеби вашиот пријател е екстравертен и дружељубив или никогаш не дозволува озборувањата да допрат до него.
Штом таа личност шета низ вашите соништа, значи сака да ви испрати порака дека кај него постои нешто за кое му се восхитувате, а за кое можеби и му сте по малку љубоморни.
Секс со жена
Сигурно пиењето на утринското кафе ќе ви помине со мислите „Дали сум хомо(би)сексуалка?“ Не грижете се, вашата сексуална ориентација не е засегната.
Сексот со претставничка на понежниот пол насон значи дека созревате и дека станувате потолерантни кон другите, кои се различни од вас. Но, не само кон нив. Овој сон е исто така знак дека започнувате да се чувствувате подобро во своето тело и да ги прифаќате вашите женски облини онакви какви што се. Најчесто се јавува кај бремените жени, бидејќи нема ништо поженствено од бременоста.
Но, сонот во кој имате хомосексуална улога понекогаш во себе крие и предупредување дека на вашата врска ѝ недостига нежност и разнообразие.
Секс со славна личност
Има ли поубаво чувство од тоа да ја поминете ноќта со личност по која копнее секоја девојка на светот? Без разлика дали синоќа сте биле интимни со Бред Пит или со Рајан Гослинг, сметајте го тоа како добар знак.
Сексот со позната личност ви посочува дека поседувате скриен талент, кој вашата потсвест го препознала и ви испраќа сигнали дека постои во вас. Но, ако сонувате секс со Џорџ Клуни, не значи дека сте родена актерка. Може да станув а збор за талент со кој вие потсвесно ја поврзувате личноста која ја сонувате како дипломатски способности, добар стил на изразување, хуманост, скромност, љубезност итн.
Сексот насон со позната личност може да упатува на фактот дека не сте го добиле заслуженото признание. Понекогаш истиот открива и дека сте амбициозна личност која копнее по успех или повисок статус во општеството.
Секс пред туѓи погледи
Уживате во страсните допири и бакнежи на партнерот од соништата, но набрзо сфаќате дека не сте сами и дека нечии погледи љубопитно ве набљудуваат. Секс пред публика – може да биде застрашувачки, но и неочекувано возбудлив. Можно е веднаш да скокнете и откако ќе сфатите што сте сонувале, да не можете да го спречите црвенеењето на образите. Ви доаѓа да се сокриете под јорган?
Ако сексот пред публика предизвикал да се чувствувате непријатно и засрамено во сонот, размислете дали во последно време чувствувате дека очите на јавноста се насочени кон вашата врска. Дали ве плаши тоа каков впечаток остава вашиот партнер кај вашите најблиски, или пак, дека луѓето околу вас ве озборуваат? Вашиот сон е знак дека сте загрижени за тоа што мислат другите за вас.
Доколку туѓите погледи во сонот не придонеле да се чувствувате непријатно и дури и ве возбудувале, тоа значи дека се гордеете со својот живот (особено љубовниот) и дека не ви е срам да се пофалите пред цел свет. Овој сон може и да значи дека имате силна потреба да се отворите и да ги искажете своите чувства, мисли и амбиции.
Секс со момчето/сопругот на ваша пријателка
Можеби веднаш ви доаѓа да го грабнете телефонот и да ѝ се јавите на вашата пријателка за да ѝ се извините, но не грижете се. Таа не го знае вашиот сон, а и сонот не го носи значењето кое прво ви доаѓа на ум.
Сонот во кој имате сексуални односи со љубениот на вашата пријателка значи дека тој поседува карактеристика на која вие ѝ се воодушевувате. Независно дали тоа е неговата скромност, интелигенција или фактот дека е вистински џентлмен, вие потсвесно копнеете по неа и тајно посакувате и вашиот сакан да ја поседува истата. Размислете подобро и ќе видите од каде потекнува овој сексуален сон. Дали вашиот сон дојде откако вашата пријателка ви раскажуваше за романтичното изненадување што ѝ го приредил нејзиниот партнер или откако сте го виделе него како ја слуша со огромно внимание и посветеност?
Секс со мистериозна личност, чие лице не се гледа
Сонувавте страсна средба со мистериозен маж, но преокупирани со возбудата не успеавте да го видите неговото лице? Или пак, неговиот лик беше скриен под маска? Наредното утро можеби ќе се запрашате дали тоа е всушност „принцот“ кој набрзо ќе се појави во вашиот живот. Но, одговорот најверојатно е НЕ. Мистериозниот љубовник не е вашиот иден сопруг, ниту љубовта на вашиот живот. Иако не можете да го видите неговото лице, тој е тука за да ви соопшти нешто важно.
Сексот со човек со скриено лице е порака дека длабоко во вас постои неоткриен талент, вештина или позитивна карактеристика на која не ѝ посветувате доволно внимание, а која може многу да ви помогне. Потсвеста ве насочува кон неа, па посветете си повеќе време за да се спознаете себеси. Сонот исто така може да значи дека сте ја откриле таа ваша дарба, но се срамите да ја покажете во јавноста.
Секс меѓу вашиот партнер и друга
Не трчајте веднаш да проверите дали саканиот навистина ве изневерува. Сонот во кој партнерот се возбудува од друга всушност се однесува на вас. Размислете! Дали во последно време сте се чувствувале несигурни во себе? Дали сте помислиле дека ја губите својата привлечност и способноста да го излудите вашиот сакан? Овој сон ги рефлектира тие ваши стравови и ви сигнализира дека треба да поработите на својата самодоверба.
Запомнете, соништата се само соништа и се апсолутно нормална појава. Се смета дека околу 8% од соништата се сексуални и дека сексот еднакво често присуствува во соништата и на мажите и на жените.