Ресторанот веќе го привлече вниманието на домашните и странските гости и стана ново „must visit“ место за сите што го посетуваат југот на Јадранот.
Џејми Оливер, еден од најпознатите готвачи во светот, поседува ресторани во десетина земји, вклучувајќи ги Бразил, Катар, Ирска и Португалија. Неодамна во своето портфолио на ресторани го додаде својот прв ресторан на Јадранот – Jamie’s Italian Montenegro, сместен во луксузната марина Порто Монтенегро во Тиват.
Во промотивното видео на Инстаграм, Џејми нагласи дека местото е наменето да биде опуштено и топло место каде сите се чувствуваат добредојдени, без разлика дали доаѓаат на ручек или вечера под ѕвездите.
Како што стана познат по своите едноставни рецепти со свежи состојки и неговите варијации на класичните италијански и британски јадења, овој ресторан на менито ги има и препознатливите специјалитети на Џејми: свежи рачно изработени тестенини, пица со кисело тесто, медитерански закуски, јадења од морска храна, салати и автентични италијански десерти, пишува tportal.
A post shared by Jamie’s Italian Montenegro (@jamiesitalianme)
Отворањето на овој ресторан е логично продолжение на враќањето на Џејми на гастрономската сцена откако на крајот на 2023 година отвори ресторан во Белград, а во 2019 година поради финансиски проблеми беше принуден да затвори повеќе од 20 свои ресторани.
Сепак, Џејми не се двоумел каде да го отвори ресторанот бидејќи го избрал најексклузивното место на Јадранот. Порто Монтенегро е најлуксузната марина на Јадранот, лоцирана во Тиват, која покрај квалитетно сместување и ресторани, нуди и бројни содржини како јахти клуб, спортски терени, базени, велнес центри, ексклузивни клубови на плажа и разни културни настани во текот на годината, па гостите ќе го посетат ресторанот на популарниот Британец и надвор од летната туристичка сезона.