Властите во Рим очекуваат стотици илјади туристи за време на конклавата, која започнува на 7 мај, а градската хотелска асоцијација соопшти дека 90 отсто од сместувањето е веќе резервирано.
Конклавата ќе привлече најголем број нови туристи, но во исто време во Рим ќе се одржи и Мастерс тенискиот турнир на кој ќе учествува италијанскиот тенисер Јаник Синер, по тримесечна суспензија поради допинг.
Поради полн капацитет, но и цената, дел од туристите и аџиите решиле да резервираат сместувачки капацитети кои не се хотели, ниту се наоѓаат во Рим, туку на блиски места кои се добро поврзани, како Брачолини и Ладисполи, пренесува Раи.
Здружението на хотели Федералберги Рома забележува дека цените на собите се зголемени за околу 10 отсто, но забележуваат дека тоа е резултат на „пикот на сезоната“, а не само на конклавата.
Федерберги рече и дека од смртта на папата бројот на резервации е зголемен за 15 отсто. Федерико Тралди, претседател на Албае, здружението за гости во регионот Лацио, рече дека капацитетот на овие сместувачки капацитети е исто така речиси целосно исполнет, истакнувајќи дека голем број луѓе ги откажале резервациите на денот на смртта на папата.
Тралди, сепак, истакна дека бројот на резервации значително се зголемил кога е објавен датумот на погребот на папата Франциско. Билатералната туристичка агенција Лацио ЕБЛТ објави дека 150.000 нови туристи пристигнале во Рим пред погребот на папата Франциско, со што вкупниот број на посетители во тој период достигна 320.000.
Папата Франциско беше избран на конклавата во 2013 година по два дена гласање, а почина на 21 април на 89-годишна возраст и беше погребан во римската базилика Санта Марија Маџоре.
Конклавата, изборот за нов поглавар на Римокатоличката црква, ќе започне на 7 мај и ќе трае додека еден од кандидатите не освои двотретинско мнозинство во гласањето.