Дали побрзото или побавното одење е поздраво за срцето? Една од овие активности значајно го намалува ризикот од аритмија

popara19 април, 20251min00

Побрзото одење може значително да го намали ризикот од нарушувања на срцевиот ритам, покажа новото истражување на научниците од Универзитетот во Глазгов.

Овие нарушувања, познати како аритмии, можат да го зголемат ризикот од мозочен удар, срцева слабост, па дури и ненадеен срцев удар доколку не се лекуваат навреме, пишува Independent.

Истражувачите анализирале податоци од повеќе од 420.000 испитаници од UK Biobank и ја споредиле нивната брзина на одење со појавата на проблеми со срцето во период од 13 години.

Пешачењето било класифицирано во три категории: бавно (помалку од 4,8 km/h), умерено (4,8 до 6,4 km/h) и брзо (повеќе од 6,4 km/h).

Побрзото одење е подобро за здравјето на срцето

За време на следењето, повеќе од 36.000 луѓе развиле некаква форма на аритмија, вклучително и атријална фибрилација – кога срцето чука неправилно и пребрзо – бавен пулс и вентрикуларни аритмии кои потекнуваат од долните делови на срцето.

Резултатите покажале дека луѓето кои оделе со просечно темпо имале 35 отсто помал ризик од развој на аритмии, додека оние кои оделе со брзо темпо имале 43 отсто помал ризик, во споредба со оние кои оделе бавно. Особено се издвојуваше групата која најбрзо одеше – нивниот ризик од атријална фибрилација беше помал – речиси 46 проценти.

Истражувањето, објавено во списанието Heart, дополнително ја потврдува важноста од вклучување на брзо одење во препораките за дневни физички активности.

Покрај брзината на одење, истражувачите следеле и колку време испитаниците поминувале во одење дневно. Се покажа дека одењето подолг период, особено со просечно или побрзо темпо, дополнително го намалува ризикот за околу 27 проценти.

Научниците нагласија дека ова е прва студија која детално ја разгледува поврзаноста помеѓу брзината на одење и срцевите аритмии и сугерира дека метаболичките и воспалителните процеси може да играат важна улога. Имено, побрзото одење може да го намали ризикот од дебелина и хронично воспаление, што на крајот придонесува за здравјето на срцето.