
Голема студија спроведена на 205 илјади учесници откри дека редовната консумација на помфрит може значително да го зголеми ризикот од дијабетес тип 2.
Според резултатите од студијата, луѓето кои јаделе оваа пржена храна најмалку три пати неделно имале 20 проценти поголема шанса да ја развијат болеста во споредба со оние кои ја јаделе поретко.
А јадењето помфрит пет пати неделно може да ги зголеми шансите за 27 проценти, според студија објавена во Британскиот медицински журнал.
Експертите предупредуваат дека комбинацијата од високо ниво на нездрави масти и рафинирани јаглехидрати го нарушува балансот на шеќерот во крвта и придонесува за развој на метаболички нарушувања.
Ова е уште еден доказ за тоа колку изборот на храна влијае на нашето здравје – наведуваат авторите на студијата и додаваат дека пржените компири треба да се заменат со поздрави алтернативи, како што се варен или печен зеленчук.
Компирите можат да бидат дел од здравата исхрана, но начинот на кој се подготвуваат прави разлика. Варените, печените или пирените компири се природно нискокалорични и се добар извор на растителни влакна, витамин Ц и калиум, објасни д-р Каутер Хашем, предавач по јавно здравје на Универзитетот „Квин Мери“ во Лондон.
Сепак, кога се пржат во масло, особено во големи порции и со додадена сол, стануваат помалку здрави поради нивната висока содржина на масти, сол и калории – што веројатно придонесува за зголемување на телесната тежина и го зголемува ризикот од дијабетес тип 2, заклучи д-р Хашем.