
Анкета од 2025 година од страна на Американската психијатриска асоцијација покажа дека 33 проценти од возрасните доживуваат чувство на осаменост најмалку еднаш неделно во текот на годината – зголемување од три процентни поени во однос на претходната година.
Нова студија објавена во списанието PLOS One ја идентификуваше осаменоста како „силен и независен предиктор за депресија и лоши здравствени исходи“. Осаменоста има способност да влијае на „секој аспект на здравјето“, и ментално и физичко, забележаа авторите. За да го измерат влијанието на осаменоста, истражувачите прво прашаа 47.318 Американци на возраст од 18 до 64 години: „Колку често се чувствувате осамено?“
Севкупно, повеќе од 80 проценти од учесниците пријавиле одредено ниво на осаменост, при што жените „постојано“ пријавуваат поголема веројатност за депресија и денови со лошо ментално здравје од мажите.
- Нашето истражување истакнува дека осаменоста не е само емоционална состојба – таа има мерливи последици и за менталното и за физичкото здравје. Справувањето со проблемот на осаменоста може да биде клучен приоритет на јавното здравје за намалување на депресијата и подобрување на целокупната благосостојба – заклучија авторите, пишува Best life.
Како да се борите против осаменоста?
Брзиот одговор тука е да пронајдете нови начини за дружење и зајакнување на постојните односи. Психолозите препорачуваат да се вложи посвесен напор за зајакнување на постојните односи.
- Ова може да биде со пријател, член на семејството или навистина со секој што ви е важен. Редовно закажаните дружби може да помогнат во продлабочувањето на врската што веќе ја имате, а исто така ве потсетува дека наскоро ќе имате точка на контакт со некој што ви е важен, советува терапевтката Колин Маршал.