Лејди Гага одржа бесплатен концерт синоќа пред два милиони обожаватели кои дојдоа на плажата Копакабана, во Рио де Жанеиро, за најголемиот концерт во нејзината кариера.
„Вечерва создаваме историја… ви благодарам што создавате историја со мене“, рече Лејди Гага, обраќајќи се пред бројната публика.
Лејди Гага го започна својот настап околу 22:10 часот локално време со нејзината песна од 2011 година „Bloody Mary“, која беше дочекана со овации од публиката, која пееше и танцуваше на песочната плажа.
Организаторите соопштија дека присуствувале 2,1 милиони луѓе.
Пејачката ги изведе своите класични хитови, вклучувајќи ги „Poker Face“ и „Alejandro“, додека се пресоблекуваше во низа фустани, вклучувајќи една во боите на бразилското знаме.
Многу фанови, многу од нив млади, пристигнаа на плажата во зори за да обезбедат добро место, носејќи грицки и пијалоци. Тие го поминаа целиот ден под жешкото сонце, додека други се качуваа по дрвјата решени да имаат панорамски поглед.
Мадона, исто така, ја претвори плажата Копакабана во огромен подиум за танцување минатата година.
Големите настапи се дел од напорите на градските власти за зголемување на економската активност по карневалските и новогодишните прослави и пред претстојните едномесечни прослави во јуни за Денот на Свети Јован.
„Тоа носи активност во градот за време на она што претходно се сметаше за вонсезона, полнејќи ги хотелите и зголемувајќи ја потрошувачката во баровите, рестораните и продавниците, и генерирајќи работни места и приходи за населението“, рече Осмар Лима, секретарот на градот за економски развој, во изјава објавена минатиот месец од туристичката организација на градот.
Градските власти во неодамнешен извештај изјавија дека очекуваат концертот да внесе најмалку 600 милиони реали (околу 106 милиони долари) во економијата на Рио.
Планирано е слични концерти да се одржуваат секоја година во мај, барем до 2028 година.
Лејди Гага пристигна во Рио рано во вторник. Оттогаш градот е проткаен со „Гагаманија“, додека се подготвуваше да ја пречека ѕвездата за нејзиниот прв настап во земјата од 2012 година.
Во видео со упатства за концертот во сабота, вработените во метрото во Рио танцуваа на хитот на Лејди Гага од 2008 година „Love Game“.
Иако повеќето од присутните беа од Рио, концертот привлече и Бразилци од целата земја, како и меѓународни посетители.
Повеќе од 500.000 туристи го посетија градот во деновите пред настанот, што е повеќе од двојно повеќе од првично прогнозираниот број, според податоците од локалната автобуска станица и аеродромот, соопштија градските власти во петокот.
Властите во Рио имаат историја на организирање огромни концерти на плажата Копакабана. Шоуто на Мадона привлече околу 1,6 милиони обожаватели минатата година, додека четири милиони луѓе дојдоа на плажата за новогодишниот концерт на Род Стјуарт во 1994 година. Според Гинисовата книга на рекорди, тоа беше најголемиот бесплатен рок концерт во историјата.
За да се осигури дека публиката може да ги чуе песните, по должината на плажата беа поставени шеснаесет звучни кули. Безбедносниот план на Рио вклучуваше присуство на 3.300 војници и 1.500 полицајци и 400 воени пожарникари.