Карактеристиките кои мажите ги сакаат кај жените често не се поврзани со надворешниот изглед, бројот на градник или која и да е од причините поради кои ние жените сметаме дека тие „паѓаат“ на нас.
Иако, физичкиот изглед е првото нешто што им паѓа во очи, кога станува збор за сериозна врска, изгледот не е пресуден. Верувале или не, постои навистина голема листа на карактеристики кои мажите ги сакаат кај жените повеќе од оние физичките. Прашајте некој од вашите машки пријатели да наброи нешто што му е битно кога ќе погледне под површината. Еве некои од тие битни нешта кои веројатно секој маж би сакал жената која е покрај него да ги поседува:
Да знае да слуша
Мажите навистина ценат жени кои знаат да ги слушаат нивните проблеми и при тоа не употребуваат фрази како „Ти реков!“, не држат предавања и не даваат несоодветни коментари. Потребно е само да бидете таму за него и навистина да го сослушате, така најдобро ќе му покажете дека се грижите за него. Да, за тоа треба и трпение, бидејќи на повеќето мажи им е потребно да ги испроцесираат своите проблеми, па дури потоа да ги споделат и вие треба да научите да бидете трпеливи и треба да дадете до знаење дека го разбирате и го поддржувате.
Спонтаност
Способноста да се биде спонтана е една од карактеристиките кои мажите ја сакаат кај жените. Тие сакаат да ја видат партнерката на пример како игра по дома, пее под тушот (дури и ако тоа изгледа смешно), всушност, како се однесува природно и општено во нивна близина. Вашиот спонтан и опуштен став ќе придонесе тој да се чувствува удобно во ваша близина, а вашата врска ќе биде исполнета со позитивна енергија.
Комплетна и задоволна
Жените кои се задоволни и уживаат во нештата кои ги имаат се поатрактивни, што значи дека дефинитивно треба да престанете да се жалите за работите што ги немате и да започнете да го цените она што го имате. И верувајте не се работи за тоа да бидете најубави или да имате одлична работа, туку се работи за тоа вие да бидете среќни со тоа што сте, да бидете позитивни и самоуверени и да сметате дека заслужувате убави нешта. Самодовербата е секси!
Да не се труди да биде она што не е
Иако жените кои се трудат да бидат она што не се за да привлечат внимание, навистина го добиваат тоа внимание, како и многу понуди и пијачки во кафулињата, сепак многу мажи се согласуваат дека не би одбрале таква жена за нешто повеќе од незначајна романса. Каква коинциденција – и жените го мислат истото за оние мажи кои се трудат да се прикажат како нешто што не се! Што значи, девојки, бидете она што сте, девојка од соседството, можеби малку срамежлива, насмеана, или пак, дури и намуртена доколку така се чувствувате. Едноставно бидете тоа што сте бидејќи така ќе привлечете некој кој ќе ја сака вистинската ваша верзија.
Да умее да ужива во храната што ја јаде
Здравата храна и броењето калории е добро за вас, но опсесивното однесување во врска со тоа е нешто сосема друго. Иако да се грижите за себе е навистина позитивна карактеристика, опсесивноста и претерувањето во таа „грижа“ е нешто што мажите воопшто не го сакаат. Мажите сакаат жени кои кога одат во ресторан нарачуваат оброк, а не вода и лесна салата. Тие сакаат жена која ќе ја проба роденденската торта. Вака ќе покажете дека знаете да се опуштите и да уживате, а воедно и дека сте самоуверени кога станува збор за вашата тежина, а веќе споменавме дека самодовербата е секси, нели?!
Добар готвач
Нашите баби ни велеа дека единствениот начин да се дојде до машкото срце е преку неговиот стомак. Мажите ги обожаваат оние жени кои знаат да готват и жените кои би посакале да научат да готват за нив. Се согласуваме дека оваа карактеристика е клише, но дури и експертите се согласуваат со истата. Нашите мозочиња регистрираат карактеристики кои покажуваат дека некој би бил добар партнер и родител, дури и кога сме со личност со која сѐ уште немаме такви планови.
Подготвена за компромис
Дури и мажите се чувствуваат подобро кога знаат дека нивната партнерка е подготвена за компромис и да работи за изнаоѓање начин кој ќе биде прифатлив за двете страни. Па затоа се надеваме дека сте подготвени за компромис, бидејќи иако мажите сакаат големи гради и долги нозе, сепак сите од нив се согласуваат дека компромисот е далеку поважна карактеристика од претходните две. Врските кои се темелат на нешто повеќе од физичка привлечност се токму оние кои се подолги, посреќни и вистински нѐ исполнуваат!
Да знае да покаже дека се грижи
Мажите сакаат да знаат дека нивните девојки навистина се грижат за нив, но тоа секако нема да го постигнете доколку во секој момент повторувате „ТЕ САКАМ“ сѐ додека не му дојде преку глава од таа ваша изјава. Мажите можеби помалку изјавуваат љубов, но почесто знаат да покажат дека се грижат. Девојките понекогаш можат да научат по нешто од нив. Грижете се на него кога е болен, изненадете го од време на време, слушајте го додека ви зборува – едноставно најдете начин на кој ќе му покажете колку ви е битен. И на тоа додадете по некое „те сакам“.
Да има смисла за хумор
Смислата за хумор е една од многуте битни карактеристики кои мажите ги бараат кај жената со која би посакале да го поминат остатокот од животот. Ова не значи дека тие сакаат нивната партнерка да кажува смешни вицови, но навистина ценат доколку таа знае да се нашали, доколку се смее на нивните шеги и главно има позитивен став кон животот. И во право се, бидејќи животот може да биде навистина убав доколку го поминеш со некој кој знае и да се забавува.