Научниците предупредуваат дека мразот се топи со рекордна брзина, нивото на морето не престанува да расте

popara26 мај, 20251min00
1638350422-christian-pfeifer-gf1a.format-webp.width-900

Дури и ако светот ја постигне навидум невозможната цел да го ограничи глобалното затоплување на 1,5 °C над прединдустриските нивоа, ледените плочи на Гренланд и Антарктикот ќе продолжат да се топат незапирливо, што може да предизвика зголемување на нивото на морето за неколку метри и масовни миграции од крајбрежните области, покажуваат новите меѓународни истражувања.

Научниците се обидоа да утврдат која е „безбедната граница“ на затоплување за да преживеат големите ледени маси. Тие анализирале податоци од сателити, климатски модели, ледени јадра, седименти од длабоко море, па дури и ДНК на лигњи.

Заклучокот е загрижувачки. Дури и сегашното ниво на затоплување од 1,2 °C може да предизвика брзо повлекување на ледените маси и катастрофално покачување на нивото на морето, се вели во трудот објавен во списанието Communications Earth and Environment, известува Индекс.

Теоретски максимум

Ледените плочи на Гренланд и на Антарктикот содржат доволно мраз за да се подигне нивото на морето за 213 метри, што е екстремно сценарио, но научниците предупредуваат дека мора да се земе предвид за да се разбере обемот на ризикот.

Од 1990-тите, загубата на мраз се зголеми за четири пати и моментално изнесува 370 милијарди тони годишно. Глечерите денес се најголемиот поединечен придонес во покачувањето на нивото на морето, а годишниот пораст на нивото на морето е двојно зголемен во последните 30 години.

„При 1,5 степени, не го забавувате покачувањето на морското ниво – всушност, гледате забрзување“, вели Крис Стоукс, глациолог од Универзитетот Дурам и еден од авторите на студијата.

Научниците проценуваат дека нивото на морето до крајот на векот би можело да се зголемува за 1 см годишно.

„Ова би значело масовни миграции на населението од размери без преседан во модерната историја“, вели Џонатан Бамбер, глациолог од Универзитетот во Бристол и коавтор на студијата.

„Безбедносната маржа е се помала и помала“

Посебно загрижува фактот што проценетите безбедносни прагови за ледените маси постојано се намалуваат како што напредува науката. Додека претходните модели предвидуваа дека, на пример, Гренланд може да се урне на +3 °C, денес се проценува дека +1,5 °C би биле доволни.

Според авторите, единствениот начин да се спречи колапсот на ледените плочи е да се ограничи затоплувањето на блиску до 1 °C, што би барало драстично намалување на емисиите и целосна транзиција од фосилните горива, нешто што изгледа многу малку веројатно со оглед на сегашните глобални политики.

Авторите нагласуваат дека нивните наоди не значат дека треба да се напуштат климатските цели. Секое десетто затоплување значи разлика во последиците што ќе ги доживееме.