
Перименопаузата е збор што за многумина од вас звучи далечно и малку застрашувачки. Всушност, тоа е природна фаза од животот, транзиција помеѓу плодните години и менопаузата.
Обично доаѓа по четириесеттите години, но може да се случи и порано, додека бркате работа, семејство, обврски и живот со полна брзина. Да не ја гледаме перименопаузата како проблем, туку како покана конечно да застанете и да се погледнете себеси.
Што точно е перименопауза?
Тоа е период кога јајниците го намалуваат производството на хормони – естроген и прогестерон. Потоа започнуваат промените:
-Нередовна менструација,
-Топли бранови и ноќно потење,
-Несоница, замор и промени во расположението,
-Зголемување на телесната тежина или тешкотии при одржување на тежината.
Сите овие не се непријатни изненадувања, туку природни сигнали од телото дека е време да се посветите на тоа.
Зошто е ова момент да се запре?
Бидејќи многу жени живеат на автопилот, грижата за другите секогаш е на прво место, а вие останувате на последно место за себе. Перименопаузата е време кога треба да се запрашате:
-Дали сум среќна?
-Како се хранам?
-Дали сум постојано под стрес?
-Кога последен пат мислев само на себе?
Не е крај, туку почеток на нова зрелост, кога учите да кажете „не“, да се грижите за себе без грижа на совеста и да го ставите вашето здравје на прво место.

Што можете да направите?
Редовните прегледи кај гинеколог и ендокринолог можат да станат ваши најголеми сојузници, додека балансираната исхрана со повеќе зеленчук и помалку шеќер и алкохол ќе му помогне на вашето тело полесно да ги издржи промените.
Дополнително, лесните вежби како што се одење, јога или пливање, времето одвоено за себе, преку читање, дружење или мир во сопствениот дом и прифаќањето на фактот дека не сте стари, туку влегувате во нова, позрела фаза од животот, ја формираат основата на здрава и исполнета транзиција низ перименопаузата.
Перименопаузата не е болест и не е казна. Таа е повик да се разбудите и да преземете контрола врз сопствениот живот. Дури сега имате искуство, мудрост и сила да изберете, за себе и за вашиот мир.