
Принцезата од Велс и сопруга на принцот Вилијам, Кејт, предупреди дека прекумерната употреба на паметни телефони и компјутери создава „епидемија на разделба“ што влијае на семејниот живот, објавија денес британските медиуми.
„Иако дигиталните уреди треба да нè поврзат, тие често го постигнуваат спротивното“, напиша принцезата во есеј што го напиша во соработка со професорот на Медицинскиот факултет Харвард, Роберт Валдингер, објави Би-Би-Си.
Таа додаде дека паметните телефони и другите уреди постојано нè одвлекуваат и го уништуваат времето што го поминуваме заедно како семејство.
„Физички сме присутни, но ментално отсутни, неспособни целосно да се ангажираме со луѓето пред нас“, напиша принцезата. Таа рече дека истражувањата ја покажуваат важноста на создавањето топли и здрави односи меѓу семејствата и луѓето, но социјалниот тренд оди во спротивна насока, со сè повеќе осамени и изолирани поединци и членови на семејството кои не обрнуваат соодветно внимание едни на други.
Кејт предупреди дека овој проблем е особено акутен за денешните деца кои живеат во свет опседнат со дигиталната технологија.
Во есеј објавен на веб-страницата на Центарот за рано детство на Кралската фондација, таа рече дека децата треба да бидат охрабрени да развиваат социјални и емоционални вештини што ќе им помогнат во текот на целиот живот.