Принцот Хари во петокот изјави дека сака да се смири со британското кралско семејство, но дека неговиот татко, кралот Чарлс III, не сака да разговара со него поради спор околу неговата безбедност и дека не знае колку долго ќе живее монархот, кој боледува од рак.
Неколку часа откако ја загуби правната битка со британската влада за полициска заштита, Хари даде емотивно интервју за Би-Би-Си во кое рече дека не мисли оти ќе може да се врати кај своето семејство во Велика Британија.
„Би сакал да се помирам со моето семејство“, рече Хари. „Животот е скапоцен. Не знам колку време му останува на татко ми. Не сака да разговара со мене поради овие безбедносни прашања, но би било убаво да се смириме“, додаде тој.
Хари се повлече од кралските должности во март 2020 година и се пресели во Калифорнија со својата американска сопруга Меган.
Оттогаш, двајцата беа многу критични кон кралското семејство, при што принцот едвај разговараше со својот татко и постариот брат, престолонаследникот Вилијам.
Во меѓувреме, Бакингемската палата откри дека на Чарлс III му е дијагностицирана неодредена форма на рак, иако советниците се оптимисти во врска со напредокот на неговото лекување.
Бакингемската палата сè уште не го коментираше интервјуто на принцот.
Изјавите на Хари дојдоа откако тој неуспешно се обиде да ја поништи одлуката на Министерството за внатрешни работи во 2020 година дека нема автоматски да добива лична полициска заштита во Велика Британија.
Принцот за Би-Би-Си изјави дека е „прилично скршен од одлуката“. „Мислевме дека тоа ќе ни биде во корист“, додаде тој.
Хари, кој претходно тврдеше дека кралската институција го жртвувала за да ги заштити другите високи членови, рече дека верува оти одлуката за неговата безбедност е донесена за да се воспостави контрола врз него.
„Откако луѓето ги дознаа фактите, ми беше кажано дека ова е добра старомодна измама на естаблишментот. И се чини дека е така“, рече тој.