Иако распродажбата е одлична можност да ја ажурираме нашата гардероба по поприфатлива цена, пониските цени честопати нè доведуваат до тоа да купуваме парчиња кои на крајот собираат прашина на дното на нашиот плакар.
Имено, добрата цена никогаш не треба да биде единствената причина за купување. И додека продажбата е навистина совршена за купување на некои модни класици, некои алишта сепак подобро да се избегнуваат.
Подолу ги истакнавме советите од модните експерти за тоа што е најдобро да се прескокне за време на распродажба.
1. Облека која е премала за вас
Веројатно има многу од вас кои барем еднаш купиле парче облека со погрешна големина со ниска цена, со план еден ден да ве собере во него. Вистината е дека големи се шансите тоа премало парче облека да седи на дното од плакарот. Во секој случај, ако нешто ви е премногу тесно, подобро е да го прескокнете купувањето.
2. Нешто што е целосно надвор од вашиот стил
Наидовте на парче кое воопшто не одговара на вашиот стил, но е на распродажба, па имате идеја дека треба да го купите. Сепак немојте. Иако ниските цени нè мамат да купиме нешто што вообичаено не би го носеле, голема е веројатноста дека ќе завршите со нешто што воопшто нема да го носите.
3. Повеќе исти или слични работи што веќе ги поседувате
Што се однесува до облеката, често се држиме до зоната на удобност, па затоа за време на продажбата сакаме да складираме парчиња слични на оние што веќе ги имаме во плакарот. Иако е добро да се држите до вашиот стил, сепак не ви се потребни десет идентични или многу слични кошули или бели маички во вашиот плакар. Една од вашите цели кога купувате било што треба да биде можноста да креирате нови комбинации кои одговараат на вашиот стил.
4. Сè што е непријатно
Ако нешто не е удобно, ќе го носите еднаш или воопшто нема да го носите. Купувањето неудобна облека е губење пари. Ако нешто ве гребе, ви прави плускавци, тешко се прицврстува… или ви претставува некој друг проблем, заобиколете го тоа парче. Работите нема да се променат во иднина, а вие само ќе трошите пари и ќе го натрупате плакарот.
5. Работи кои не можете да ги замислите како дел од вашите комбинации
Ако нешто ви изгледа кул, но не можете да замислите комбинација во вашата глава што би одговарала на тоа парче, подобро е да го прескокнете. Ако се борите како да стилизирате нешто, сфатете го како знак дека тоа е предмет што нема да работи со остатокот од вашата гардероба.