
Гигантот за спортска облека „Адидас“ и мексиканско-американскиот дизајнер Вили Чаварија се извинија откако мексиканската држава Оахака ги обвини за културна апропријација поради дизајнот на нова патика.
„Oaxaca Slip-On“, соработка помеѓу Чаварија и „Adidas Originals“, имаше кожен горен дел, отворена пета и дебел гумен ѓон. Сепак, официјалните лица во Оахака тврдат дека дизајнот е директно копиран од традиционалната сандала „huarache“, рачно изработена во заедницата Вила Идалго Џалала.
„Адидас“ и „Чаварија“ признаа дека инспирацијата доаѓа од Оахака и издадоа официјално извинување. Адидас во изјава за CNN изјави:
„Изразуваме јавно извинување и ја потврдуваме нашата посветеност на соработката со заедницата Џалала во духот на почитување и зачувување на нивното културно наследство.“
Чаварија, познат по промовирањето на мексиканско-американската култура преку својата работа, изрази жалење што дизајнот е создаден без директна и подлабока соработка со заедницата Оахака. Тој додаде дека неговата намера е да оддаде почит на културата и уметноста на Оахака.
Случајот предизвика огромна врева во Мексико, а градоначалничката на Мексико Сити, Клаудија Шајнбаум, се огласи, велејќи:
„Големите компании често земаат производи, идеи и дизајни од домородните заедници во нашата земја.“
Нејзиниот кабинет најави работа на нов закон што ќе ја заштити креативноста на домородните народи од злоупотреба.
Мексико претходно донесе закони што предвидуваат високи казни и затворски казни за неовластена употреба на домородни културни изрази, по слични контроверзии во кои беа вклучени компании како Зара, Антрополоџи и Патул.
Министерството за култура на Мексико објави дека наскоро ќе започнат преговори меѓу „Адидас“ и владата на Оахака, со цел да се обезбеди соодветна компензација за заедницата Џалала.
Марина Нуњез Беспалова, заменик-секретарка за културен развој, изјави:
„„Адидас“ веќе контактираше со владата на Оахака, а преговорите ќе се одржат со поддршка на Министерството за култура и Националниот институт за авторски права, во согласност со Законот за заштита на наследството“.