Актерката Дакота Џонсон (35) и пејачот Крис Мартин (48) ја прекинаа својата врска по речиси осум години.
Според извор близок до двојката, иако се обидувале да ја спасат врската и откако емоциите почнале да бледнеат, на крајот одлучиле дека раскинувањето е најдобрата опција.
„Дакота имала длабоки чувства кон Крис и неговите деца и долго верувала дека тоа ќе се среди. Сепак, се натрупале мали несогласувања и секојдневни предизвици и станало јасно дека тие повеќе не се вистинските еден за друг“, рекол изворот, додавајќи дека двојката неколку пати раскинала и се помирила, надевајќи се дека разделбата поради работни обврски ќе помогне во зајакнувањето на нивната врска.
Сепак, враќањето во секојдневниот живот секогаш повторно ќе ги отвори старите проблеми, кои со текот на времето станале неподносливи, тврди истиот извор.
Особено емотивна за Дакота била разделбата од децата на Крис Мартин од неговиот претходен брак со актерката Гвинет Палтроу – Епл (21) и Мозес (19).
„Дакота е скршена што повеќе нема да биде толку блиска со неговите деца, но сака да им даде до знаење дека секогаш е тука за нив“, рече изворот.
Актерката последен пат беше видена без веренички прстен за време на нејзиниот престој во Њујорк, неколку часа пред веста за раскинувањето да стане јавна.
За потсетување, тие првпат беа видени заедно во октомври 2017 година во суши ресторан во Лос Анџелес, а кратко потоа Дакота присуствуваше на концерт на Coldplay во Буенос Аирес. Тие го имаа своето официјално деби како пар во 2018 година на модната ревија на Стела Мекартни во Лос Анџелес.
Иако никогаш јавно не зборуваа за нивната свршувачка, шпекулациите започнаа кон крајот на 2020 година и почетокот на 2021 година, кога Дакота беше видена со голем смарагден прстен на левата рака. Ниту тогаш, ниту сега, по повод раскинувањето, тие не дадоа изјави за медиумите.