Ако често чувствувате зуење во ушите, познато како тинитус, правењето одредени промени во вашата исхрана може да ви помогне да се ослободите од проблемот.
За многумина, ѕвонењето во ушите не е само мала нервоза. Тоа може да биде исклучително исцрпувачки бидејќи предизвикува нарушувања на спиењето, тешкотии во комуникацијата и проблеми со концентрацијата. Сите овие фактори претставуваат главен извор на емоционален стрес.
Луѓето кои страдаат од тинитус имаат зголемен ризик од анксиозност и депресија, а некои студии покажаа поголема стапка на самоубиствени мисли меѓу нив.
Иако точната причина за тинитус е непозната, оваа состојба често се поврзува со губење на слухот, оштетување на внатрешното уво, изложеност на гласни звуци, одредени лекови на рецепт и разни медицински состојби, известува Klix.
Истражувачите во Кина анализираа осум претходни студии во кои беа вклучени повеќе од 300.000 луѓе. Резултатите покажаа дека зголемениот внес на овошје, млечни производи и кофеин позитивно влијае на намалување на симптомите.
Ризикот од тинитус се намалува за 35% ако го зголемите внесот на овошје, за 9% ако го зголемите внесот на влакна, за 17% ако консумирате повеќе млечни производи и за 10% ако консумирате повеќе кофеин.
Иако причините за поврзаноста на овие намирници со намален ризик од тинитус не се целосно разбрани, експертите претпоставуваат дека тоа се должи на нивните позитивни ефекти врз крвните садови и нервите, како и нивните антивоспалителни и антиоксидантни својства.
Сепак, експертите забележуваат дека врската помеѓу кофеинот и тинитус останува „спорна“ точка на дебата. Додека некои тврдат дека кофеинот ја намалува анксиозноста, а со тоа и симптомите на тинитус, други предупредуваат дека може да предизвика несоница.