
Мора да бидете спремни на сите изненадувања на море, опасни се и мртвите медузи.
Во повеќето случаи, доколку нагазите морски еж или ако ве допре медуза, освен болка и привремена непријатност, нема да имате поголеми последици. Меѓутоа, никако не смеете да се опуштите и да не реагирате на време, бидејќи во одредени ситуации неопходна е итна медицинска помош.
Во топлите мориња, средбите со медузите се многу чести. Проѕирни се, желатинозни и најчесто не ги забележуваме додека пливаме. Така што, прво ги чувствуваме симптомите од нејзиното каснување, па дури отпосле ја забележуваме.
Се појавува печење, пецкање, чешање. Опеченото место е црвено, натечено, болно на допир, јасно разграничено од остатокот на кожата. Во ретки случаи, може да се јави главоболка, слабост, малаксаност, несвестица, гадење, грчеви во мускулите, пад на крвниот притисок. Во тој случај неопходна е итна медицинска помош.
Што да направите ако ве касне медуза?
Каснатото место измијте го со солена вода, отстранете ги влакненцата од медузата, доколку ви останале во кожата. Ова најдобро се прави со чиста пинцета. Не тријте го каснатото место, немојте да се чешате, бидејќи само ќе ја влошите ситуацијата.
Може да нанесете некоја крема против воспаленија, или топикален кортикостероид или да земете антихистамини.
Секогаш внимавајте кога пливате во топлите мориња, добро погледнете, бидејќи медузите често се појавуваат во јата.
Многу е важно да се има предвид каде е каснувањето, доколку медузата ве опекла во пределот на очите, лицето, устата или гениталиите, веднаш побарајте лекарска помош.
Исто така, и мртвите медузи се опасни, немојте да ги допирајте бидејќи можат да ве опечат ако ги фаќате со голи раце.
Ако одите боси, лесно може да нагазите на морски еж.
Што да направите ако нагазите на морски еж?
Ќе почувствувате болка на местото на убодот, но тоа не е вашиот најголем проблем. Боцките обично остануваат и ѕиркаат од стапалото, па најдобро е да ги отстраните на лекар.
Имено, тие боцки се многу кревки и кршливи, при нивно неправилно отстранување може да останат скршени во ногата, па можно е да ви треба хируршка помош!
По отстранување на боцките, лекарот ќе ви го измие местото на убодот, а потоа ќе ви даде антибиотска крема или спреј. Од традиционалните средства кои ја ублажуваат болката, локалното население препорачува – млеко од смокви и рибино масло.