Британската пејачка вчера откри дека ќе паузира од настапи и музика за да се оперира.
37-годишната ѕвезда неодамна објави дека и бил дијагностициран рак на дојка. Според тоа, таа вчера за време на нејзиниот настап на фестивалот „Summertime Ball“ на стадионот „Вембли“ во Лондон, се прости од своите фанови.
Кога се качила на сцената, Џеси Џеј во солзи им оддаде почит на оние кои ја поддржаа откако објави дека и е дијагностициран рак на дојка.
„Денеска е и мојот последен настап пред да одам и да го победам ракот на дојката. Тоа е толку посебно за мене, немате поим. Се чувствувам толку посебно што сум од Британија, да бидам искрена и што можам да кажам како се чувствувам. Многу сум благодарна за овој живот, за вас, за мојата кариера, за мојот син, мојот партнер, моите родители, моето семејство, бендот и екипата, имаме среќа, толку многу за живеење, толку многу да се направи“, рече таа.
Како што е веќе познато, пејачката неодамна преку објава на социјалните мрежи објави дека и е дијагностициран рак на дојка, кој се уште е во рана фаза. Тогаш таа изјави дека по лекувањето ќе се врати на кариерата.
Инаку, Џеси ќе биде оперирана веднаш по нејзиниот последен концерт на Summertime Ball. Таа го има синот Скај Сафир Корниш Колман, кого го роди во 2023 година, откако претрпе тежок спонтан абортус во ноември 2021 година.