
„Sony Pictures“ официјално ги стекна правата за кинескиот бренд „Labubu“ и започна со развој на долгометражен филм, со можност проектот да стане франшиза.
Според американските медиуми, студиото одлучило да го направи овој потег откако популарните колекционерски фигурини станаа глобален феномен во текот на изминатата година.
Засега, филмот е во рана фаза и сè уште нема екипа или продукциски тим. „Sony Pictures“ не сакаше да коментира за проектот.
Иако „Лабубу“ за прв пат беше претставен во 2015 година, фигурите со препознатливи заби доживеаа експлозија на популарност дури неодамна.
Производителот Pop Mart ги дистрибуира играчките во таканаречен формат на „слепа кутија“, така што клиентите не знаат точно која фигурина ја добиваат сè додека не го отворат пакувањето. Овој вид пакување придонесе за растот на побарувачката, но и за формирањето на интензивен пазар.
Препораките на познати личности, особено во светот на К-поп, исто така значително придонесоа за растот на популарноста. Пејачката на „Blackpink“, Лиса, претходно оваа година изјави дека играчката Лабубу е нејзино бебе.
Брендот, исто така, привлекува внимание во спортските кругови. НБА-играчот Дилон Брукс беше забележан како носи кукла Labubu на синџир кога пристигна на плејоф натпревар во мај.
Бидејќи развојот на анимираните и играните филмови обично трае со години, стекнувањето на правата од страна на Sony е облог дека брендот Labubu ќе остане доволно релевантен за да привлече публика во иднина.