Најновата јужнокорејска студија покажа дека прекумерното работно време и прекувремената работа доведуваат до значителни промени во структурата на мозокот, што е резултат на комбинација на физички и емоционален напор, јавуваат медиумите.
Истражувањето на двајца научници од универзитетите Чунг-Анг и Јонсеи опфатило 110 здравствени работници поделени во две групи.
Во едната група имало оние кои работеле најмалку 52 часа неделно, додека во другата група имало вработени кои работеле стандардно работно време, наведува CNN.
Луѓето кои работеле прекувремено доживеале значителни промени во мозочните региони кои ги регулираат когнитивните и емоционалните функции, што е последица на нивното преоптоварување и замор, заклучија истражувачите.
Коавтор на студијата, професорот Јун Јул Чои, рече дека овие промени може барем делумно да се поправат ако се отстранат факторите на стрес.
Сепак, тој додаде дека е потребно многу повеќе време за мозокот да се врати во првобитната состојба.
Претходна студија од 2021 година, исто така, покажа дека прекувремената работа има негативни здравствени последици, според Си-Ен-Ен.
Френк Пега, кој го предводеше истражувањето, истакнува дека најновите резултати претставуваат значајни нови докази кои би можеле да помогнат подобро да се разбере како драстично прекувремената работа влијае на физичкото здравје на вработените.
„Владите, работодавачите и самите вработени заедно можат да преземат мерки за заштита на здравјето на работниците“, рече Пега.
Авторите на најновата јужнокорејска студија истакнаа дека резултатите од нивното истражување укажуваат на важноста од решавање на проблемот со прекувремената работа, што е причина за загриженост.
„Тоа е мала студија, но бидејќи се заснова на сеопфатни невролошки мерења и се однесува на фундаменталните механизми на преоптоварување и замор, може да важи за сите, па нејзините централни заклучоци се многу релевантни“, велат научниците.