Организаторите на Канскиот филмски фестивал годинава воведоа строги правила за облекување, а меѓу оние кои ги прекршија правилата беше и Хајди Клум.
Манекенката на свеченото отворање на фестивалот се појави во раскошен долг фустан и голем шлиц на ногата. Својот розов фустан кој наликува на цветни ливчиња со омбре ефект го искомбинира со сандали со сребрени потпетици.
Таа во комбинацијата додаде и сребрени обетки, а на црвениот тепих позираше со заводлива насмевка.
Клум синоќа присуствуваше на премиерата на филмот „Gone One Day“, а фустанот што го носеше беше од колекцијата „1001 season“ на модната куќа Elie Saab.
Манекенката зрачеше со самодоверба и шарм, иако едвај го чуваше горниот дел од фустанот да не и падне.
За потсетување, организаторите на Канскиот филмски фестивал забранија носење фустани со велови и обемни фустани, како и голотија, за да се обезбеди поголема пристојност на овој фестивал.
„Оваа година, Канскиот филмски фестивал постави одредени правила во својата повелба кои одамна важат. Целта не е нужно да се регулира облеката, туку да се забрани целосната голотија на црвениот тепих, во согласност со институционалната рамка на настанот и францускиот закон. Фестивалот го задржува правото да го забрани пристапот на лица чија облека може да го попречи движењето на другите гости или да го комплицираат седењето на филмовите.“