Сакате да живеете подолго? Експертите тврдат дека оваа едноставна навика може да спречи деменција

popara17 февруари, 20261min00
2683948

Одржувањето добра орална хигиена не е важно само за вашите заби, туку е и клучно за спречување на болести како деменција, сугерира ново истражување. Миењето на забите три пати на ден и редовна посета на стоматолог може да го намали ризикот од развој на повеќе од 50 сериозни здравствени состојби, вклучувајќи деменција и артритис.

Одамна е познато дека оралното здравје влијае на нашата целокупна благосостојба, а претходните истражувања го поврзаа ширењето на бактериите од устата со Алцхајмерова болест, рак, кардиоваскуларни заболувања, дијабетес и други состојби.

Панел од експерти ја истакна важноста на ова на годишниот состанок на Американското здружение за унапредување на науката (AAAS), одржан минатата недела во Аризона.

„Сега веруваме дека одржувањето на здравјето на забите може да биде поврзано со намален ризик од повеќе од 50 системски состојби“, рече Алпдоган Кантарџи, професор на Стоматолошкиот факултет при Универзитетот во Минесота, на конференцијата насловена како „Устата како порта кон целокупното здравје“.

„Истражувањата сега покажуваат дека луѓето со лесна или умерена болест, кои ги мијат и се грижат за забите или посетуваат стоматолог за понапредно чистење, покажуваат многу подобри когнитивни реакции“, продолжи тој.

Опасно воспаление
Кантарчи го истакна периодонтитисот, агресивна форма на заболување на непцата, како клучен фактор на ризик за развој на состојби како ревматоиден артритис и деменција.

Кога бактериите од орални заболувања ќе влезат во крвотокот и мозокот, тие предизвикуваат хронично воспаление. Ова може да го поттикне имунолошкиот систем да ги нападне зглобовите и може да го забрза формирањето на плаки кои се мешаат со невротрансмитерите и доведуваат до когнитивен пад. Сепак, важно е да се напомене дека во моментов нема истражувања кои сугерираат дека заболувањето на непцата директно предизвикува деменција или артритис, туку дека постои поврзаност.

Каде е најлоша денталната хигиена во Европа?

Иако Велика Британија има репутација за лошо здравје на забите, многу други европски земји исто така се борат со оралната хигиена.

Студија од 2022 година покажа дека Норвешка е земјата што најмногу се грижи за своите заби, додека Србија е на дното на листата, заедно со Латвија и Полска. Во однос на стоматолошките посети, Холандија се најде на врвот, додека Португалија, Ирска и Обединетото Кралство покажаа едни од најниските стапки на посетеност.