
Нутриционистите и готвачите велат дека замрзнатата храна има бројни предности во однос на свежата, и како што објаснуваат, овие предности не се само нутритивни, туку и практични.
Имено, замрзнувањето ги „заклучува“ хранливите материи што се губат за време на транспортот и складирањето. Експертите истакнуваат дека замрзнатото овошје и зеленчук понекогаш ја надминуваат хранливата вредност на свежата храна.
Клучот е во процесот на брзо замрзнување неколку часа по берењето на овошјето или зеленчукот, кога овошјето е во својата најголема зрелост.
„Во рок од неколку часа по берењето, зрелото овошје и зеленчук брзо се замрзнуваат за да се „заклучи“ нивната хранлива вредност. Во споредба со свежата храна, која стои во камиони, на полиците во продавниците, замрзнатите производи ги задржуваат своите хранливи материи“, вели диететичарката Мекензи Џонс.
Д-р Мина Малхотра истакнува дека замрзнатото овошје ги задржува витамините на начин на кој свежите производи честопати не можат.
„Бобинките се одличен пример. Замрзнатото има повеќе витамин Ц од свежото. Истото важи и за спанаќот, грашокот и карфиолот“, рече таа.
Дополнително, експертите ја истакнуваат замрзнатата риба и морска храна како паметен избор, пишува Мирор.
„Замрзнатата риба обично се замрзнува неколку часа откако ќе се фати, што помага да се зачува свежината. Рибата почнува да губи влага, омега-3 масни киселини и витамини чувствителни на топлина веднаш штом ќе се извади од водата“, рече докторот.
Иако постојат голем број предности, експертите издвоија храна што е подобро да се купи свежа, вклучувајќи домати, краставици и авокадо. Покрај тоа, идеалниот пристап кон исхраната вклучува комбинација од свежа и замрзната храна за да се искористат придобивките од обете опции.