
Нова голема студија покажува дека комбинацијата од несоница и апнеја при спиење може значително да го зголеми ризикот од висок крвен притисок и кардиоваскуларни заболувања.
Студијата ја спроведоа истражувачи од Медицинскиот факултет Јеил, анализирајќи податоци од речиси милион американски ветерани. Резултатите беа објавени во списанието на Американското здружение за срце.
Несоницата значи долготрајни тешкотии при заспивање или одржување на спиењето. Апнејата при спиење е нарушување при кое дишењето постојано се прекинува во текот на ноќта, што го нарушува сонот.
Иако двете нарушувања обично се дијагностицираат одделно, многу луѓе ги имаат и двете истовремено. Кога се јавуваат заедно, состојбата се нарекува COMISA (комбинирана несоница и опструктивна апнеја при спиење) и е поврзана со поголеми здравствени ризици.
Според студијата, луѓето кои страдаат од двете нарушувања имаат значително поголем ризик од хипертензија и срцеви заболувања од оние кои имаат само еден од овие проблеми.
Зошто нарушениот сон го оптоварува срцето
За време на спиењето, телото поправа многу функции, вклучувајќи го и кардиоваскуларниот систем.
Доколку сонот е постојано прекинат, поради будења, кратко траење на спиењето или паузи во дишењето, срцето и крвните садови немаат доволно време да се опорават и стабилизираат.
Експертите истакнуваат дека нарушувањата на спиењето често се игнорираат, иако можат да имаат големо влијание врз здравјето.
Целта на студијата беше и да се утврди дали нарушувањата на спиењето влијаат на ризикот од срцеви заболувања веќе во раните фази од животот, кога ризикот сè уште може да се спречи.
Научниците нагласуваат дека долгорочните тешкотии со спиењето не треба да се сфаќаат како безопасен проблем, бидејќи со текот на времето можат да создадат дополнителен товар на кардиоваскуларниот систем.
Затоа, тие препорачуваат здравјето на спиењето да се следи исто толку сериозно како и другите фактори на ризик за срцеви заболувања, како што се висок крвен притисок, пушење или дебелина. Тие исто така советуваат несоницата и апнеата да се третираат заедно, а не одделно.