
Трихологот и фризер Хелен Риви наведува дека тврдењето оти секојдневното миење е штетно за косата е еден од најчестите митови што ги слуша од клиентите, пренесува InStyle.
Колку често треба да се мие косата зависи од типот на косата, секојдневните навики и брзината со која скалпот станува мрсен – процес на кој значително влијаат хормоните и генетиката. Риви истакнува дека скалпот секојдневно лачи себум и пот; покрај тоа, на него се наталожуваат мртви клетки од кожата, остатоци од производи за коса и нечистотии од околината. Ако овие материи останат на скалпот предолго, објаснува таа, можат да предизвикаат чешање, лупење на кожата, непријатни мириси и воспаление.
За кого е корисно секојдневното миење?
Почестото миење може да биде соодветно за лица со мрсен скалп, за оние кои редовно вежбаат, за луѓето што живеат во топла или влажна клима, како и за оние што често користат производи за стилизирање на косата. Риви напоменува дека и лицата склони кон првут или себороичен дерматитис, исто така, може да имаат корист од почестото миење.
Сепак, за другите, секојдневното миење може да доведе до отстранување на преголема количина од природните масла на косата. Фризерката Нети Џордан објаснува дека знаците на пречесто миење вклучуваат сув, затегнат и иритиран скалп, коса што станува разлетана или наежена, локни што ја губат својата еластичност, како и боја на косата што брзо избледува.