
Златната маскара се наметна како најгламурозниот тренд во убавината оваа зима; со неколку едноставни трикови, таа може да изгледа елегантно дури и преку ден.
Оваа сезона, љубителите на шминката имаат две различни опции: трепки со природен изглед и минимално количество производ, или пак впечатливи, смели бои, како што се електрично сина, виолетова и зелена.
Сепак, еден тренд особено се издвојува: златната маскара, која им дава раскошен сјај на очите и совршено се вклопува во празничната атмосфера.
Металик тоновите повторно завладееја со светот на убавината – овој пат, фокусот не е само на светкавите очни капаци, туку и на трепките, кои изгледаат како да се посипани со златен прав.
Опсесијата со светкава шминка не е ништо ново. Пред неколку сезони, популарност стекна таканаречениот „леден“ изглед, кој вклучуваше светки на усните, очните капаци, па дури и на трепките.
Тогаш апсолутен хит беа сребрените тонови, но сега тие се заменети со потопли, златни нијанси. Овој изглед црпи инспирација од естетиката на грчките божици, а празничниот период е совршено време да го испробате овој тренд. Златните трепки се појавија и на големите модни писти. Шминкерот Пет Мекграт ги искористи за ревијата на „Валентино“ во 2020 година, додека во поновите колекции на „Шанел“, златни детали ги красеа очните капаци на моделите.

Како да носите златна маскара без да претерате?
Добрата вест е што не мора да го чувате овој тренд исклучиво за вечерни излегувања. Со неколку едноставни трикови, златните детали можат да изгледаат елегантно дури и преку ден.
Започнете со подготовка на очните капаци користејќи неутрални сенки во беж, карамел или светло-кафеави тонови. Потоа, нанесете класична црна или кафеава маскара за да ги дефинирате трепките.
Откако првиот слој ќе се исуши, нанесете ја златната маскара само на врвовите на трепките или истакнете неколку поединечни трепки кај надворешните агли на очите. За повпечатлив изглед, можете да ја нанесете по целата должина на трепките.
Останатиот дел од шминката нека биде едноставен. Кармин во „нуд“ (телесна) нијанса, безбоен сјај за усни и руменило со природен изглед совршено ќе се вклопат со златниот ефект.
Брз трик за трепки со сјај
Производот што го барате во продавниците за козметика често се нарекува „топер“ (topper). Станува збор за завршен слој што содржи светкави пигменти, наменет за нанесување преку обична маскара.
Постапката е едноставна: прво, свиткајте ги трепките, нанесете ја омилената маскара и почекајте да се исуши. Потоа, со помош на четкичката, нежно нанесете го производот со златни пигменти врз трепките. Прилагодете ја количината на сјај според пригодата – неколку светкави допири се доволни за суптилен дневен изглед, додека за празнична забава можете да се одлучите за поинтензивен ефект.
Златната маскара е едноставен начин да ја освежите секојдневната шминка и да додадете допир на празничен гламур во вашиот изглед. Понекогаш, само еден неочекуван детал е доволен за целата шминка да изгледа сосема поинаку.