
Листестите зеленчуци се поврзани со голем број болести секоја година, а бактерии како салмонела и листерија можат да се појават на листовите во различни фази, од одгледување до пакување.
Ова, исто така, покренува прашања за безбедноста на однапред подготвените салати. Претходно измиените, однапред спакувани салати се омилени за многу луѓе кога сакаат брз, здрав оброк без многу подготовка. Сепак, експертите за безбедност на храната предупредуваат дека оваа погодност може да има цена.
Дарин Детвилер, професор по исхрана на Универзитетот Нортистен и автор на книга за безбедност на храната, вели дека овие производи се меѓу ризичните. Додека потрошувачите очекуваат безбедност, реалноста е поинаква.
„Спакуваните салати остануваат еден од ризичните производи поради потенцијалот за контаминација. Во минатото, овие производи беа поврзани со бројни епидемии на труење со храна, кои во тешки случаи завршуваа со хоспитализации“, рече тој.
Експертите истакнуваат дека контаминацијата често започнува на полињата, а контаминираната вода за наводнување или контактот со почвата и животните го зголемуваат ризикот. Бактериите можат да се пренесат и за време на бербата, преку опрема или контакт со луѓе. Дополнителен проблем се јавува и при преработката. За разлика од цела глава зелена салата, спакуваните мешавини често доаѓаат од повеќе фарми и се обработуваат заедно.
Покрај тоа, ладењето не е целосно решение. Иако го забавува растот на микроорганизмите, не ги уништува. Ако има прекин во ладниот синџир за време на транспортот или складирањето, бактериите можат дополнително да се размножуваат. Многу луѓе ќе мислат дека решението е едноставно, а тоа е да се измие салатата дома. Сепак, експертите велат дека ова не се препорачува. Миењето не ги отстранува бактериите и постои ризик од дополнителна контаминација од мијалникот, приборот за јадење или рацете.
За луѓето што избираат претходно спакувани салати, се препорачува претпазливост. Важно е да се провери датумот на истекување, да се избегнуваат пакувања што изгледаат влажни или лигави и да се осигура дека салатата останува во фрижидер, пишува HuffPost.
Побезбедна алтернатива е цела глава зелена салата или свеж спанаќ. Ваквата храна има помала површина изложена на преработка или потенцијална контаминација и може темелно да се измие дома.