
Присуството на мобилен телефон во спалната соба го нарушува сонот, но многу луѓе сепак го држат покрај креветот, плашејќи се дека ќе пропуштат итен повик. Експертите за спиење за CNN објаснуваат како да поставите граници, а сепак да останете достапни за оние на кои можеби им требате.
Новинарката на CNN, Кордилија Џејмс, раскажа како се разбудила и видела 13 пропуштени повици по нејзината прва ноќ помината без мобилен телефон во спалната соба. Нејзината цимерка останала заклучена надвор од нивниот стан во Њујорк, откако слегла во подрумот за да пере алишта. Бидејќи не можела да ја добие Џејмс, цимерката го пропуштила летот – за што не можела да добие поврат на средствата. Претходно истата година, еден терапевт за проблеми со спиењето ѝ предложил на Џејмс спалната соба да биде зона без телефони, но таа првично одбила.
Според податоците на „Pew Research Center“ објавени во септември, 62 отсто од Американците помлади од 30 години велат дека мобилниот телефон им го намалува времето за спиење. Едно истражување од 2022 година, објавено во списанието Personal and Ubiquitous Computing, покажало дека учесниците поминувале 42 отсто од времето во кревет пред спиење користејќи ги своите мобилни телефони – навика што е поврзана со послаб квалитет на сонот.
Мозокот останува буден
Кристин Сухани, клинички психолог во „NYU Langone Health“ во Њујорк, е специјализирана за когнитивно-бихејвиорална терапија за несоница. Таа објаснува дека користењето мобилен телефон го одржува мозокот активен. Техниката позната како „контрола на стимулуси“ – која подразбира намалување на сигналите што ги држат мозокот и телото будни – може да биде корисна. Поради ова, креветот треба да се користи исклучиво за спиење и секс, што помага да се зајакне поврзаноста помеѓу креветот и сонот.
Џејми Зајцер е професор по психијатрија и бихејвиорални науки на Универзитетот Стенфорд и еден од директорите на Центарот за науки за спиење и циркадијални ритми при истиот универзитет. Тој наведува дека известувањата, па дури и самото исчекување на истите, можат да предизвикаат будење во текот на ноќта. Сината светлина од екранот може да го наруши циркадијалниот ритам. Според експертите, ноќните филтри не ги спречуваат последиците од користењето мобилни телефони пред спиење.
Никола Хјуз, креативен стратег и позитивен психолог, раководела со истражување од 2018 година, објавено во списанието Computers in Human Behavior. Тој го споредува присуството на мобилен телефон во собата со состојба на поделено внимание, која продолжува дури и кога правите нешто друго. Во нејзиното истражување, учесниците една недела ги чувале своите мобилни телефони надвор од спалните соби. Тројца од четворица изјавиле дека побрзо заспивале, спиеле подобро, чувствувале помала вознемиреност и се чувствувале подобро. Некои дури и повеќе разговарале со својот партнер пред спиење.
Како да се одвикнете од спиењето со телефон покрај себе?
Експертите советуваат постепено да го оддалечувате телефонот од креветот, особено ако чувствувате непријатност при помислата дека нема да бидете достапни во текот на ноќта.
Зајцер истакнува дека е важно да се направи разлика помеѓу реалната потреба да се биде достапен во итни ситуации и стравот дека нешто може да се случи додека телефонот е исклучен или подалеку од вас.
На пример, тој го чува телефонот во спалната соба поради своите постари родители, но ја користи опцијата „Не вознемирувај“ (Do Not Disturb), која автоматски ги исклучува звуците на известувањата во текот на ноќта. Сепак, тој го подесил уредот така што повторените повици од неговите родители сепак ѕвонат, за да може да реагира во случај на итност.
За оние кои немаат конкретна причина да го држат телефонот покрај себе, Сухани предлага да се обидат да поминат една ноќ без уредот во спалната соба. Ако не се случи ништо неочекувано, тоа може да помогне во намалувањето на стравот од одвојување од телефонот.
Како прв чекор, се препорачува да го оставите мобилниот телефон на комода или на друго место подалеку од креветот, а потоа целосно да го изнесете од спалната соба.
Исто така, корисно е да набавите класичен будилник, за да можете наутро да го проверите времето без да посегнувате по телефонот. Покрај тоа, на повеќето уреди од Apple и Android, можно е да го подесите телефонот така што ќе заѕвони доколку истото лице се јави повеќе пати во краток временски интервал, дури и кога е вклучена опцијата „Не вознемирувај“.
Експертите нагласуваат дека не постои универзално решение што важи за сите, но оддалечувањето на телефонот од креветот може да биде едноставен чекор кон поквалитетен сон.