
Ноа Вајл ја освои својата втора последователна награда „Еми“ за улогата во серијата „The Pitt“.
Вајл ја доби наградата за најдобар главен актер во драмска серија за портретирањето на ликот Мајкл Роби Робинавич, како и за неговиот ангажман во „The Pitt“.
„Ова е неверојатно емотивно. Морам да ја оддадам почитта кон работата на моите колеги номинирани за оваа награда. Вашата работа ме инспирира. Ве гледам и учам од вас. Посебно би сакал да го спомнам г-дин Олдман. Морам да кажам дека не знам дали постои актер од мојата генерација кој не го гледал филмот ’Сид и Ненси‘ и не помислил дека тоа е стандардот што сака да го достигне во својата кариера еден ден“, рече тој.
Потоа им оддаде признание на сите мажи и жени кои напорно работат на серијата „The Pitt“, истакнувајќи дека веќе следниот ден се враќаат на работа и на нови, тешки предизвици.
„Израснав во Лос Анџелес. Јас сум холивудско дете. Растев со телевизијата, а киносалите беа моето светилиште. Тоа беше сè што некогаш сакав да го работам и ова е единствениот клуб во кој сакав да се зачленам. Ви благодарам што ме прифативте“, изјави тој.
Други актери номинирани оваа година за наградата за најдобар главен актер во драмска серија беа Стерлинг К. Браун за серијата „Paradise“, Гери Олдман за серијата „Slow Horses“, Марк Рафало за серијата „Task“ и Руфус Сјуел за серијата „The Diplomat“.
На минатогодишната церемонија, Вајл ги освои наградите за најдобар главен актер во драмска серија, како и наградите во категориите извршен продуцент и најдобра драмска серија.