
Деми Мур привлече големо внимание на отворањето на 79-от Кански филмски фестивал, каде што се појави во елегантен пенлив фустан од модната куќа „Jacquemus“. Актерката блесна на црвениот тепих во гламурозен аутфит, кој го надополни со луксузен дијамантски ѓердан и впечатливи обетки.
Сепак, нејзиниот изглед предизвика поделени реакции на социјалните мрежи. Додека многу обожаватели и познати личности со ентузијазам го коментираа изгледот и стилот на Деми Мур, дел од јавноста изрази загриженост за нејзината многу витка фигура, особено за нејзините раце кои беа во преден план поради кројот на фустанот без ракави.

„Сè уште изгледа прекрасно“, „Ова е еден од нејзините најдобри изгледи“ и „Фустанот ѝ стои совршено“, се само дел од позитивните коментари под фотографиите од фестивалот.
Сепак, имаше и такви кои веруваа дека актерката е премногу слаба. Некои корисници на социјалните мрежи напишаа дека се надеваат дека таа се грижи за своето здравје и дека нејзиниот изглед ги загрижува.
Деми Мур е член на жирито на натпреварувачката програма на Канскиот филмски фестивал оваа година.