Осум американски држави го тужат OpenAI, тврдејќи дека ChatGPT им штети на децата и ги доведува во заблуда родителите

popara19 октомври, 20261min00
b_261019047

Јавните обвинители од осум американски сојузни држави поднесоа тужби против „OpenAI“, тврдејќи дека нивниот „ChatGPT“ им штети на децата и дека компанијата ги доведува корисниците во заблуда во однос на безбедноста.

На 14 октомври, јавните обвинители на Арканзас, Аризона, Ајдахо, Монтана, Ајова, Канзас, Западна Вирџинија и Небраска поднесоа посебни тужби, секој пред судот во својата сојузна држава.

Јавната обвинителка на Ајова, Брена Берд, ја објави веста за поднесувањето на тужбите на прес-конференција во Де Мојн, придружувана од нејзините колеги од Канзас, Небраска и Западна Вирџинија.

Во тужбата на Ајова се наведува дека „ChatGPT“ дава опасни медицински совети, поттикнува параноја и охрабрува поединци да им наштетат на другите или да извршат самоубиство. Јавните обвинители исто така тврдат дека чет-ботот е дизајниран да биде претерано попустлив кон корисниците и да глуми емпатија со цел да ја придобие нивната доверба.

„’OpenAI’ им штети на децата и ги лаже жителите на Ајова“, изјави Берд.

Јавниот обвинител на Западна Вирџинија, Џеј-Би Меккаски, укажа на отсуството на проверка на возраста или заштитни механизми за време на разговори што вклучуваат теми како самоубиство, пукања во училишта и самоповредување.

Сојузните држави се повикуваат на законите за заштита на потрошувачите. Тие бараат финансиски казни, отштета и промени во начинот на кој функционира „ChatGPT“. Јавните обвинители најавија дека е можно да следат тужби и од други сојузни држави. Флорида веќе поднесе тужба против „OpenAI“ уште во јуни.

Од „OpenAI“ изјавија дека во „ChatGPT“ вградиле заштитни механизми соодветни за возраста – функции што недостасуваат кај многу други производи базирани на вештачка интелигенција. Тие додадоа дека сакаат да соработуваат со владите на креирање правила што би важеле за целата индустрија, а не само за една компанија. Компанијата наведува дека „ChatGPT“ е наменет за корисници постари од 13 години, дека за малолетниците е потребна дозвола од родител или старател, како и дека чет-ботот ги поттикнува корисниците да направат пауза по подолго користење.

Тужбите доаѓаат во момент кога „OpenAI“ се подготвува за првична јавна понуда на акции (IPO).