Од Њујорк до Лондон, од Сиднеј до Келн и Букурешт, злобната маска од филмот „В за Вендета“ стана вистински заштитен знак на демонстрантите против естаблишментот.
Основачот на Викиликс, Џулијан Асанаж, неодмана се појави на протесната група „Окупирајте ја Лондонската берза“, со ваква маска. Тој наводно ја тргнал маската на барање на полицијата.
Секој кој ги гледал демонстрациите против политичарите, банкарите, финансиските институции, големите корпорации ширум светот ќе забележи еден детал кој се повторува, а тоа е стилизиранат маска на Гај Фокс, со мустаќи и шпиц брада. Како што пренесува Би Би Си, прашањето е: Кој стои зад тоа?
Се верува дека маската, покрај обожавателите на филмот, први ја користеле озлогласените хакери на групата „Анонимуси“, 2008 година за време на протестите против скиентологијата, а потоа маските станаа главен реквизит во многу анти-капиталистички протести.
Маската е креирана за потребите на филмот од 2006 година „V for Vendeta“, маската ја носи осамен анархист, кој се потпишува само со „V“, а се бори против фиктивна фашистичка партија во Британија, по пример на Гај Фокс, според познатиот Гвидо Фокс, кој бил познат заговорник против англискиот крал Џејмс 1605 година.
Авторот на истоимената новела Дејвид Лојд создал оригинална маска за стрипот кој го напишал Алан Мур. Заинтересираниот Лојд ги посетил демонстрантите на „Окупирајте го Вол Стрит“, за да ги виде младите кои ја носат неговата маска.
Лојд тврди дека тој и Мур, додека го создавале ликот на “V” на ум имале обичен урбан герилец, кој се бори против фашистичката диктатура, но сакале да вметнат и малку театралност.
Маските првично биле направени за промоцијата на филмот и биле делени на проекциите. Денеска, компанијата „Рубис костумс“, која ги произведува маските, годишно ширум светот продава околу 100.000 примероци, а само во Британија околу 16.000. Портпаролот на компанијата не се грижи за тоа дека врската со активистите може да влијае на имиџот на компанијата.
Пол Стејнс кој води популарен блог под името Гвидо Фокс смета дека е иронично активистите кои се борат против капитализмот и корпорациите, ненамерно да ја поддржуваат филмската компанија „Варнер Брос“, која е една од најголемите компании во Америка со годишен профит од милијарда долари. Стејнс смета дека употребата на маската покажува „губење на довербата во политиката“, бидејќи Гај Фокс е фигура која е највеќе антиполитичка.