Имам пријател психолог. Наскоро ми раскажа за негов роднина, кој долго време имал проблеми со сопругата. За негова лоша среќа заборавил за нивната годишнина и таа толку се налутила што го напуштила заедничкиот дом. После извесно време се јавила, со цел да се помират. Мажот побарал совет од мојот пријател, како да делува, како да се однесува за да ја врати. Големо изненадување беше за мене советот кој гласеше – „Смири се со неа, ако си сигурен дека таа наскоро ќе направи грешка поголема од твојата, ако не спреми се да бидеш пластелин во рацете на 3 годишно дете!“
Размислив и сватив дека е во право! Се сетив за едни мои пријатели, брачен пар и последниот пат кога ја видов девојката, ја прашав како е сопругот. Оооо, многу ме нервираше, само фудбал гледаше, ама го средив, му реков или фудбал или секс! Така ми одговори таа. Најлошото е што тогаш нејзините зборови не ми направија никаков впечаток, го прифатив тоа како сосема нормално, дури и ја подржав. А сега ми стана жал за нејзиниот сопруг, што ќе прави тој ако не гледа фудбал? Ќе се прави дека романтичната комедија многу му се допаѓа, и зошто сето тоа?
За да нема главоболки и досадни разговори колку невнимателно се однесува и ако таа е расположена, да добие малку секс?
Сигурна сум дека за повеќето од нас ова не е ни малку необична ситуација, да си признаеме, сакаме да манипулираме со мажите уште на самиот почеток. Од привидната незаинтересираност за секс, до намуртеното лице и лажните солзи – само и само да биде по ваше. Женски трикови, добро. Ништо страшно, сите го правиме ова. Но дали некогаш сте се замислиле до каде ќе ве доведе ова? Јас размислував и резултатот воопшто не ми се допадна…Ако мислиш дека мажот до тебе е пластелин што треба да го моделираш според твоите желби , подобро остави го на некоја друга што ќе го сака таков каков што е.
И чисто егоистично, ако сакаме да бидеме точно со тој во кој се вљубивме, треба да го оставиме да биде…точно тој во кој се вљубивме. Без промени, без моделирање…