Тој беше најголемата грешка во мојот живот. Всушност ќе ми биде тешко да одлучам која од нив е најголемата. Конкретен период од постоењето и оформувањето на мојата личност, како таков беше создаден од низа грешки, која од која поглеми. Но да кажеме дека таа грешка беше со голема Г, таа која останува засекогаш запечатена во сознанието.
Дали требаше да бидам очајна кога најпосле сватив колку глупаво сум верувала? Веројатно. Требаше да си ја искубам косата, да ја натерам циганката да го проколне за век и веков и да се алкохолизирам, пцуејќи го целиот машки род.
Но јас почуствував олеснување.
Ги сакам моите грешки. А тие, како што кажав претходно, не се малку. Грешките ме прават тоа што сум денес. Доста изгорена, малку растргната од љубовните бури и природни непогоди, што сум ги преживеала. Со бушава коса, размачкана шминка и испукани усни. Понекаде сеуште имам модрици и белези…
Знам како е да си глупав, искористен, безмозочно вљубен во погрешниот, очаен, жален и паднат. Знам зошто сум била таму.
Да научиш да ги сакаш грешките значи дека си разбрал колку многу тие ти дале. Позитивното искуство остава весели спомени за цел живот. Но негативното искуство не прави посилни, помоќни и посмели. Штом го преживееш тешкото, веќе знаеш што не сакаш во животот. А да знаеш што не сакаш и никогаш нема да дозволиш тоа пак да се случи, можеби е поголемо и од мечтите.
Сите сме паѓале, кој не? Некој повеќе, некој помалку. И да, боли. Но после доаѓа она вистинското, она што дава надеж. Стануваш. Ја тресеш прашината од себе и ја зграпчуваш таа нова надеж за грлото. Овој пат веќе знаеме како.
Навистина ги сакам моите грешки. Тие ми дозволија да ја грабнам мојата шанса, дури и ме доведоа до неа. Грешките се убаво нешто. Ако не знаеш како е да те боли, никогаш нема да знаеш вистински како е да си во екстаза.