НАТО соопшти дека ќе го разгледа предлогот на либискиот лидер Моамер Гадафи за прекин на огнот во оној момент кога неговите сили ќе престанат со нападите врз цивилите.
Официјален претставник на НАТО рекол дека Алијансата “сака да види дела , а не зборови“.
Гадафи претходно во своето обраќање на државната телевизија повика на прекин на огнот и преговори со НАТО, истакнувајќи дека “вратата за мир е отворена“.
Неименуваниот претставник на НАТО истакнал дека силите лојални на Гадафи, само неколку часа пред обраќањето на либискиот лидер, испукале неколку гранати кон Мисрата со што биле убиени неколку лица.
Во меѓувреме, либиската влада соопштила дека нема да дозволи испорака на оружје во Мисрата по морски пат.
Портпаролот на владата Муса Ибрахим рекол дека постојат докази за вооружување на бунтовниците во Мисрата кое пристигнува од источното бунтовничко упориште Бенгази, истакнувајќи дека им даваат рок од четири дена на бунтовниците да го предадат оружјето, а за возврат ќе им понудат амнестија.
Извор: Нетпрес