
Американските здравствени власти соопштија дека заразените стероидни инјекции за лекување на болки во грбот се причина за епидемијата на менингит во шест американски сојузни држави, при што починаа најмалку пет лица.
Таквите инјекции биле препишувани во 23 сојузни држави. Досега се откриени 42 случаи на заразени со менингит по лекувањето со таквите инјекции.
– Периодот на инкубација на заразата може да биде прилично долг и сите пациенти лекувани со спорните инјекции од први јули може да се инфицирани, наведуваат здравствените власти.
Најголем број на случаи на менингит се регистрирани во сојузната држава Тенеси, каде 29 се заразиле, од кои тројца веќе починале.
Спорните инјекциите се произведени од „Њу Ингланд Кампаундиг Сентар“ во сојузната држава Масачусетс. Компанијата почна да ги повлекува инјекциите од продажба.
Симптомите на менингит првично наликуваат на симптоми на грип.