33-годишната Сара Еге била осудена вчера во Крдиф во Велс на доживотна затворска казна бидејќи на смрт го претепала својот седумгодишен син поради тоа што не успевал напамет да го научи Коранот, пренесуваат британските медиуми.
Таа најпрвин признала дека го убила Јасин во 2010 година, за потоа за убиството да го обвини својот сопруг.
Родителите Јасин го запишале на напредни часови во џамија за да стане хафиз (личност што напамет го знае Коранот), но момчето имало проблеми со учењето, што ја фрустрирало неговата мајка.
„Со убиството на синот сте ја злоупотребиле драгоцената врска и довербата која треба и мора да постои меѓу родителите и децата“, кажал судијата за време на изрекувањето на казната.
Сара Еге, која исто така во детството го учела Коранот напамет, го тепала и малтретирала синот цели три месеци бидејќи не бил успешен во учењето како неа.
На денот на убиството, момчето не отишло во училиште, бидејќи мајката го натерала да остане дома и да учи редови од муслиманската света книга, а потоа го тепала.
Во својата изјава Еге кажала дека го видела момчето како паѓа на земја, сѐ уште мрморејќи ги зборовите од Коранот, но тогаш мислела дека е само уморен. По смртта на момчето, мајката го запалила неговото тело.
Полицијата првично мислела дека момчето настрадало во пожар, но подоцна обдукцијата покажала дека било мртво со часови пред телото да биде запалено.
Сара Еге во затвор ќе мине најмалку 17 години пред да ѝ биде овозможено сослушување за можно помилување.