Дејан Арсовски од Драчево е среќниот скопјанец кој денеска го фати крстот во осветените води на Вардар.
Тој изјави дека за син му Војдан, кој денес го слави својот именден го фатил светиот крст.
“За мене ова е голем ден и само заради син ми скокав и се надевам дека многу ќе ми помогне“, изјави среќниот Дејан кој прв пат скокна по крстот.
Крстот, кој нему и на неговото семејство ќе му донесе среќа, бериќет и здравје, го фати во трката со уште 175 верници на кои верата им беше посилна од студот.
Откако ги освети водите на Вардар, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан го фрли крстот.
“Бог се јави и навистина се јави“, ги поздрави Архиепископот Охридски и Македонски, илјадниците верници собрани на кејот на Вардар ,да ја слушнат молитвата и да се замијат со светата, лековита вода.