Изминаа нешто повеќе од две недели од ликвидацијата на Осама бин Ладен, а светот веќе дозна за името на неговиот наследник. Се покажа дека тоа не е вториот човек на Ал Каеда, Ајман ал Завахири, туку многу помалку познатиот Сеиф ал Адел, кој засега ќе ја извршува функцијата “технички раководител“ на меѓународната терористичка мрежа.
Тоа предизвикува две прашања. Првото: Ќе стане ли новиот лидер на Ал Каеда иста фигура за меѓународниот тероризам како и покојниот бин Ладен? Второто прашање, кое произлегува од првото е: Каква е иднината на самата Ал Каеда? Ќе остане ли Ал Каеда толку моќна терористичка структура, подготвена на уште позлосторнички напади од оние на 11 септември, 2001 година, или пак ќе станеме сведоци на појава на некакви аморфни обединувања на различни терористички групи и организации, кои дејствуваат независно една од друга во Јемен, Сомалија, Пакистан и други проблематични земји, се вели во анализа на рускиот весник “Комерсант“, пренесува Нетпрес. Секоја од тие групи може да има сопствен, локален лидер, дури и не толку харизматичен, но подготвен да ги поведе своите следбеници во терористички напади од регионално значење. Како тогаш да се бориме со терористички групи, распрснати по целиот свет, ако воопшто тоа и е возможно?
Очигледно е дека новата фигура на чело на Ал Каеда, нема ниту голема харизма, ниту пак влијание.. За појава на заменик, еднаков на бин Ладен, потребно е време, но и дузина други услови. Тоа едноставно значи дека во блиска иднина нема да се појави втор Осама бин Ладен.
Изгледа дека со ликвидирањето на Осама, Ал Каеда ќе престане да биде цврста структура со единствен центар. Не треба да се заборава и дека Саудиецот добиваше и финансиска поддршка не само од својот многумилионски капитал, туку и од исламисти од Саудиска Арабија и други земји, со конзервативни режими. Сега изворите на финансирање во тие земји, најверојатно повеќе ќе практикуваат да даваат пари на локалните структури.
Во една таква ситуација ќе бидеме исправени пред Ал Каеда од еден нов вид. Секоја од групите сама ќе ги одредува своите дејствувања и ќе има свој бин Ладен од локално значење. Основното прашање е дали меѓународната јавноста ќе ја осознае и сфати новата реалност и како може да реагира. Задачата на борбата со тој децентрализиран меѓународен тероризам станува посложена од борбата против “класичната Ал Каеда“, кој ги изврши нападите на векот во Америка.
Извор: Нетпрес