
Природната катастрофа беше со огромни размери. Земјотресот и цунамито ги опустошија крајбрежните области и предизвикаа нуклеарна криза.
Јапонскиот премиер Шинзо Абе во вторник во Токио се обрати на комеморацијата на жртвите, одбележувајќи го моментот кога Јапонија беше погодена од земјотрес со јачина од девет степени според Рихтеровата скала, пренесува АП.
Жителите на северниот дел од земјата кои го преживеале цунамито, во вторникот во утринските часови одржаа комеморативни собири во знак на сеќавање на своите најблиски.
Во градот Минамисанрик локалното население се собрало пред некогашниот градски центар за спречување на катастрофи, каде повеќе од десет лица, вработени во оваа установа, загинале во налетот на цунамито.
Тристепената катастрофа – земјотрес, цунами и нуклеарна криза – на денешен ден пред три години однесе со себе 15.884 животи, додека на северното јапонско крајбрежје околу 2.636 лица се водат како исчезнати. По катастрофата околу 270 илјади лица, од кои најмногу од Фукушима, се раселени и не можат да се вратат дома поради огромната радијација.
Јапонија вложува огромни напори во обнова на областа која се најде на удар на цунамито на 11 март 2011 година, како и во однос на намалување на радијацијата која беше предизвикана поради топење на дел од реакторот во нуклеарната електрана во Фукушима како последица на земјотресот.
По катастрофата земјата издвоила 250 милијарди долари за реконструкција на целата област до март 2016 година.