
Теориите варираат од магии па до теории на завери кои вклучуваат и вонземјани…
Теории за оваа мистериозна градба има доста, но овие неколку ги издвоивме како најинтересни:
Кои биле тие луѓе што трошеле толку време и напор делкајќи ги тие огромни карпи и довлекувајќи ги на одредени места? И зошто го правеле тоа?
Најнапред се верувало дека камењата ги подигнале легендарни суштества – џинови, волшебници, демони, па дури и самиот ѓавол. Во поново време еден популарен мит ги поврзува мегалитите со келтските свештеници, друидите, и со нивните пагански обреди – иако се знае дека тие биле изградени многу векови пред друидите. Според друга теорија, преживеаните од исчезнатиот град Атлантида го донеле и го наметнале тој чуден и широкораспространет начин на градење.
Друга широко прифатена теорија била дека древните култури на источниот Медитеран – напредните цивилизации како Грците или Египќаните – го рашириле своето влијание на запад преку трговијата и мисионерите. Современата наука изразува сомневање во точноста на таа теорија, зашто денес се знае дека камените споменици биле поставени во Британија веројатно 1.000 години пред да ги изградат Египќаните пирамидите.
За да ги поддржат своите тврдења, научниците со помош на методот на датирање докажуваат дека најстари мегалити се оние кај брегот на Атлантик, а дека камењата се се помлади колку што се оди понаисток.
Стручњаците што го проучувале начинот на живеењето на примитивните луѓе, денес мислат дека мегалитите можеле да им користат за многубројни општествени и религиозни намени; како места за собирање, пазар, храм или како комбинација од сето тоа. И многу карпи и други белези на гробиштата од каменото време и испитувањето на коските што се зачувани докажуваат дека тие места служеле како семејни гробници. Древните племиња почнале со поставувањето камени обележја над гробовите на своите мртви. Не е тешко да се замисли дека разни заедници сакале да направат подобри и поголеми споменици, зашто секој сакал да го покаже својот престиж во однос на соседот.
Најновите истражувања се насочени кон зачудувачката врска меѓу големиот број на тие карпи и небесните тела. Некои научници тврдат дека тие места биле небесни опсерватории што биле користени за добивање на информации што имале практична вредност за земјоделството и за риболовот. Ако е така, тогаш нашите „примитивни“ предци бездруго биле луѓе со исклучително знаење и со многу висока интелигенција.
Во центарот на теоријата за опсерваториите стои големата енигма за Стоунхенџ, кој не е најголемиот, но несомнено е најпознатиот и највпечатливиот мегалит од 900 места што се растурени ширум Британскиот Остров. Тој голем камен круг, што се издига над пустата висорамнина Сализбери, зазема посебно место меѓу сите праисториски локалитети, зашто е единствениот кај кој блоковите се вешто обликувани и споени така што формираат грижливо планирана целост.
На почетокот на шеесетите години, американскиот астроном, професор Џералд Хоукинс тврдел дека ја решил загатката на Стоунхенџ. Направил пресек од многубројни линии меѓу сонцето и месечината и разни точки во камениот круг. Кога своите информаци ги ставил во сметач, добил изненадувачки резултати кои потврдувале дека тоа место навистина било огромна опсерваторија и дека била користена за исклучително сложени пресметувања и предвидувања. Стоунхенџ, всушност, и самиот бил еден вид сметач од каменото време.
Овие интересни идеи наишле на одобрување кај научниците и астрономите. Тие не се сомневаат во неверојатните инженерско-конструктивни подвизи на своите предци и во нивната напредна технологија во врска со изградбата на Стоунхенџ.