
Eпидемијата има тенденција на зголемување,а половина од заразените се деца до четири години, додека останатите се на возраст меѓу 20 и 40 години. Од 6 јануари досега лабораториски се потврдени 25 случаи со морбили. Веќе има најава за нови три до четири случаи во текот на денот.
Имено, последните осум случаи се епидемиолошки поврзани, што значи дека заболувањето почнало да се шири преку блиски контакти и тоа главно во семејствата, така што се создале услови за прогласување епидемија.
Симптомите на болеста се поделени во три различни стадиуми, во зависност од периодот на развој на заболувањето:
Инфективен стадиум, при што се јавува зголемена телесна температура од 38 до 40 степени. Децата се жалат на главоболка, малаксаност, вознемиреност и жед.
Катарален стадиум, при што лицето не може да поднесе светлина, има зуење во ушите, солзење на очите, му тече носот и секрецијата е зголемена.
Трет стадиум, во кој во устата се појавуваат бели наслаги што се задржуваат два до три дена, а по еден до два дена се јавува осип на кожата со телесна температура од 38 до 40 степени. Првиот осип (макули) се јавува навечер, во пределот на косата. По еден до два дена, тој осип се шири по целото тело, при што кожата станува видливо црвена, со ситни макулозни промени. Осипниот стадиум трае 3 до 6 дена и потоа осипот почнува да бледее, а по една недела се губи.