Според светските истражувања 80 – 85 % од грутките во дојките се со бенигнен карактер, а тоа значи дека не се канцерогени, посебно кај младите жени до 40 години. Доколку сте на возраст во која треба редовно да правите контрола и тоа го правите, еднаш годишно правете и мамограм.
Сепак, како да бидете целосно сигурни? Како да ја знаете разликата помеѓу канцерогеното грутче и бенигното? Кои се причините за бениген тумор на дојката?
Разликата помеѓу канцерогените и бенигните грутчиња
Дојките се составени од масно ткиво, нерви, крвни садови, фиброидно сврзувачко ткиво и ткиво на жлезди, како и од сложен систем на млечни жлезди ( каде се произведува млекото) и млечни канали ( тенки цевчиња низ кои поминува млекото до брадавиците).
Грутчињата можат да бидат тврди и неподвижни како зрно грав, или меки исполнети со течност, кои може да се тркалаат помеѓу вашите прсти, како зрно грозје. Може да бидат помали од зрно грашок или неколку сантиметри во пречник, иако поголемите грутки се ретки.
Основната разлика помеѓу бенигните и канцерогените е нивното движење.
Грутчето кое е подвижно и е полно со течност има помалку можности да е канцерогено од цврстото и неподвижно грутче. Тоа не значи дека сите подвижни и меки грутчиња не се канцерогени, ниту пак дека сите неподвижни и цврсти грутки се канцерогени. Единствениот начин да ја дознаете природата на грутчето кое сте го осетиле на допир е да посетите радиолог, да направите мамографија и ултра звук, во зависност од тоа што ќе ви препорача лекарот. Ракот на дојка вообичаено не предизвикува болки, но бенигниот тумор често ги предизвикува.
Исто така, нема потреба од биопсија кај сите бенигни тумори. Доколку грутчето сте го осетиле со допир за време на менструацијата постои голема можност вашиот лекар да бара да направите повторен преглед со ултразвук, после завршувањето на менструацијата, за да се утврди постоење на грутчето. Доколку грутчето исчезнало, тогаш сигурно станува збор за безопасно грутче настанато како последица на хормонските промени кои се јавуваат во текот на менструалниот период.
Разновидност на бенигните грутчиња кај дојките
Повеќето бенигни грутчиња и состојби се поврзани со вашиот менструален период- промените на хормоните и течноста која надоаѓа за време на менструацијата. Останатите бенигни грутчиња може да се појават како последица на затнување на млечните канали, инфекции, па и поради повреда на дојките.
Еве некои од најчестите бенигни состојби на дојките:
Фиброцистична дисплазија. Грутчиња кои можат да се опишат како да се „ тегнат“ или се „ зрнести“. Ваквите грутчиња се најчестиот облик на бенигна состојба кај дојките, кој ги погодува барем половина од жените. Ваквата состојба која е предизвикана од промените на хормоните може да се појави во периодот на приближување кон менопаузата, а истата може да исчезне за време на менопаузата. Можеби вашиот лекар ќе ви препорача да го ограничите внесувањето на сол и кофеин, за да го олесните акумулирањето на течностите. Не е исклучена можноста тој да ви препорача биопсија со цел да се прецизира , односно потврди бенигната состојба.
Цисти. Поврзани со фиброидните промени тие се со тркалезна или овална форма во вид на кеси, со пречник од околу 2-5 см. Чувствителни се на допир и исполнети со течност. Можат да се појават за време на менструацијата, зголемувајќи се и станувајќи осетливи на почетокот на циклусот, а исто така исчезнувајќи на неговиот крај. Вашиот лекар ќе ви препорача да направите ултразвук или биопсија за да бидете сигурни дека се работи за циста, а не за нешто друго. Генерално, цистите се појавуваат кај жените на возраст од 35- 50 година.
Фиброаденом. Се појавува кај младите девојки во тинејџерските години. Тој е почест кај девојките кои користат контрацептивни пилули пред дваесеттата година. Подвижен е под кожата, тркалезен и може да биде дијагностициран со аспирација.
Масна некроза. Грутчињата во овој случај се појавуваат кога масното ткиво е оштетено со повреда на градите, а резултира со формирање на тркалезни цврсти топчиња. Се појавува почесто кај жените со големи гради, а посебно кај жените кои се дебели. Вашиот лекар ќе ги следи грутчињата за време на неколку менструални циклуси, а потоа ќе одлучи дали ќе треба хируршки да се отстранат.
Исцедок од брадавиците. Понекогаш жените забележуваат исцедок од брадавиците со или без грутки во градите. Бојата на исцедокот која е поврзана со хиброцистичната состојба може да се менува од кафена до зелена. Бистриот млечен исцедок може да значи нарушување на хормоните.
Маститис. Грутчињата во градите може да настанат како последица од инфекција на млечните канали. Маститисот предизвикува отечување на градите и тие може да бидат црвени и топли бидејќи се воспалени. Најчесто се појавува кај доилките, но може да се појави и кај другите.
Ризикот од добивање на рак е поголем кај жените кои никогаш не раѓале, кај тие чиј менструален циклус не е редовен и кај тие во чие семејство имало веќе заболени од рак на дојка.
Ако на допир осетите грутки на дојките
Сите грутчиња на дојките треба да бидат прегледани од страна на радиолог, кој единствено ќе може да ви даде точна дијагноза, а со тоа и да го одреди вашиот третман. Многу е важно да се проверувате со ултразвук или мамографија со цел да не се најдете во ситуација да на допир осетите некое од овие грутчиња.