Тим составен од неколку истражувачи се обиде да ги открие предностите на исхраната базирана на растенија и дојде до заклучок дека вегетаријанците имаат 32% помалку шанси да починат или да бидат хоспитализирани заради проблеми со срцето.
„Резултатите јасно покажуваат дека кај вегетаријанците ризикот од појава на срцеви проблеми е речиси за третина помал отколку кај останатите“ – изјави Тим Кеј, професор на Оксфорд, кој учествуваше во истражувањето.
Научниците истражувањето го базирале на 45.000 луѓе од кои третина биле вегетаријанци. На сите им бил измерен притисокот и им била испитана крвта за да се утврди нивото на холестерол.
Студијата е започната уште во текот на 90-тите, а луѓето учествувале во неа до 2009 година. До крајот, 1066 луѓе кои учествувале во истражувањето биле хоспитализирани заради срцеви проблеми.
Откако ги зеле предвид сите фактори како што се социо – економската состојба, консумацијата на алкохол и нивото на образование, истражувачите дошле до заклучок дека шансите за појава на срцеви болести кај вегетаријанците се за 32% помали.