
Парис: Доколку човештвото не превземе драстични мерки, глобалната температура ќе се зголеми за 4 степени до крајот на овој век што неминовно ќе допринесе за промена на стилот на живот на луѓето и нивно иселување од местата каде сега живеат.
Балканот како и дел од јужна Европа би се претвориле во Сахара.
Експертот за климатски промени Никола Стерн предупредува дека според податоците со кои денес располага, светот се движи кон пропаст и дека во последните десет милиони години не е забележан ваков пораст на температурата на Земјата, и дека човечкиот род кој се појавил пред само 250 000 години никогаш не живеел во свет потопол за 4 степени.
Доколку се оствари прогнозата и ако температурата се зголеми за 4 степени, Јужна Европа ќе биде претворена во Сахара, а афричката пустина би се проширила кон југ со погубни последици за некои земји меѓу кои и Нигерија. Снегот би исчезнал од Хималаите. Ни американскиот континент нема да биде поштеден.
Растот на нивото на морето од 2 метри во однос на сегашното ниво би принудило 200 милиони луѓе на преселба. Вакво сценарио се очекува кон крајот на овој век, тврди Стерн.