Холивудскиот актер Харисон Форд, познат по улогите во филмовите „Индијана Џонс“, „Блејд Ранер“ и „Војна на ѕвездите“, бил повреден при пад на мал авион на терен за голф во близина на Лос Анџелес, јавуваат светските медиуми.
Според последните информации, кај 72-годишниот Форд биле констатирани „умерени“ повреди од падот на авионот-двосед, кој го управувал актерот.
Екипите на итната помош, кои веднаш интервенирале на местото на падот, извршиле имобилизација на ’рбетниот столб и ги спровеле сите потребни медицински протоколи.
Како што пренесуваат медиумите, Форд имал исеченици на лицето и индикации за можни скршеници.
Неколку часа по несреќата, неговиот син, Бен, на „Твитер“ напишал дека Форд е во болница и дека е добро.
Актерот, кој е искусен пилот, кратко по полетувањето, пријавил проблеми со моторот до контролната кула на аеродромот во Санта Моника, пишува „Гардијан“, и побарал итно враќање, но не успеал да го спушти авиониот, во кој бил единствениот патник.
Тој управувал мал авион, двосед, од типот „рајан ПТ-22 рекрут“, кој се користел за тренинг за време на Втората светска војна.