
Како и за се друго, и на полето на љубовта човек учи постојано. Со текот на време ќе морате да научите неколку лекции, на полесниот или потешкиот начин. Најдобрата работа е да го искористите искуството за да не повторите некоја грешка и за полесно да минувате низ следните препреки на кои ќе наидете.
1. Не се сите толку среќни колку што ви се чини
Обично кога сте сингл или имате некои проблеми во врската, ви изгледа дека сите наоколу имаат среќни врски без проблеми. Вистината е дека нема совршена врска, но затоа пак имате луѓе кои се сосема свесни за тоа и работат на проблемите во врската и надминување на разликите. Некој тоа го прави поуспешно, друг потфрла. Како и да е, немојте да се депримирате доколку уште не сте нашле некого или се соочувате со некој проблем во врската, сите минуваат низ истото.
2. Раскинувањето не мора да биде грдо искуство
Обично кога доаѓа до раскинување на врската, претпоставката е дека тоа се случило поради неверство, расправии, љубомора. Но, со тек на време ќе сфатите дека причината и процесот на раскинување не се секогаш грдо искуство. Некогаш луѓето едноставно не се еден за друг и пријателски се разделуваат затоа што и двајцата го сфатиле истото.
3. Да бидете сами не е најлошата работа на светот
Подобро сами, одошто во лоша врска. Времето што ќе го минете сами ќе ви помогне да поработите на себе, да сфатите што сакате во животот и со каква личност сакате да бидете.
4. Дека партнерот не може да го поправи целиот ваш живот
Да ја најдете вистинската личност за себе значи многу. Но, немојте да мислите дека со пронаоѓањето на таа личност ќе се решат сите ваши проблеми. Поради фокусот на тоа да се најде идеалниот партнер, човек заборава дека таа личност опфаќа еден сегмент од животот. Таа личност ќе донесе поддршка и љубов во вашиот живот, но нема да ги реши сите ваши проблеми.
5. Ќе помине време додека сфатите што сакате
Секој минува низ фази и не треба да се чувствувате виновни доколку направите погрешна проценка за некоја личност или врска. На почетокот, додека сте помлади едноставно учите. Вие во тој период не се познавате себе доволно, ниту знаете какви личности постојат. Но, со тек на време вашиот вкус и барања ќе се оформат и тогаш најважната работа што ќе треба да ја научите е како да направите компромис со личноста што сте ја нашле за себе.
6. Сосема е поинаку кога ќе бидете заедно со личноста за која сте мечтаеле
Кога ги гледате работите оддалеку ви изгледаат идеално. Живеете во свет на фантазија и со личноста за која што сте мечтаеле не сте имале реални ситуации или проблеми. Но, ако имате среќа да ја добиете ќе видите дека светот на фантазијата е далеку од она што ќе го добиете во светот на реалноста. И тука нема ништо страшно. Само немојте да поставите премногу нереални очекувања, затоа што ќе доживеете разочарување.
7. Некогаш е подобро да не го добиете она што го посакувате
Сите го добиваат она што го сакаат, зошто тогаш вие не можете да го добиете она што би ве направило среќни? Како и во секој друг аспект од животот (работно место, пријатели…) ќе видите дека работите што ги посакувате, односно личностите што ги посакувате, некогаш е подобро да не ги добиете.