„Не можам да се замислам себе си во друга прегратка. Не сакам да се замислам себеси да заспивам на други гради. Нема никогаш да се разбудам покрај некој кој не е ти. Засекогаш твоја“, со трепетлив глас му го кажа она кое го извади од длабочините на своето срце, а за него можеби и звучеше како некој површен текст од некој романтичен филм. Сепак, силно ја гушна, велејќи ѝ дека никогаш нема да ја остави. Ја сакаше. На некој свој начин, но ја сакаше.
Беше тип кој кога беше само со неа, ја опсипуваше со нежност и почит, но кога ќе беа пред други луѓе, нешто во него се менуваше. Се менуваше, но можеби и не забележуваше.
За тоа беше таа тука, да ја чувствува неговата промена, да ја боли неговото однесување, да ѝ доаѓа да избега далеку и постојано да се прашува дали е тоа, она што нејзе и треба. И сите тие прашања се одговараа кога ќе се вратеа дома, тој повторно беше топол и мил, оној кој таа го сакаше. И тогаш таа забораваше на сите двоумења, ги бришеше сите мисли дека сака да го остави… И сè така до следен пат, па пак и пак одново…
Имаше моменти кога немаше да бидат заедно по неколку недели, во некои моменти си фалеа, а во некои и чувствуваа олеснување, желба за слобода, желба да прават што сакаат без да чувствуваат одговорност.
Освен што тоа го чувствуваше, тој тоа и го покажуваше, но не со намера да ја остави, едноставно за убаво да си помине без разлика што таа не е тука.
Таа, пак, каде и да отидеше ништо не ѝ беше целосно без него. Дури и кога беше со целото свое семејство, кога беше надвор од земјата, кога запознаваше нови луѓе, поинакви култури, таа мислеше на него, го бараше него, имаше дел од неа кој само тој можеше да го пополни и секој момент го користеше за да му покаже колку ѝ фали, колку таа мисли на него…
Таа не сакаше да живее по оние правила кога жената треба да биде недостапна и ладна, па мажот секогаш да биде заинтересиран за неа, да не му досадува со тоа што ќе му дава многу љубов и внимание…
Колку и да беше вистина, таа не го сакаше и не го прифаќаше тоа. Па, и тој тврдеше дека не му пречи, дека му годи нејзиниот редок начин на љубов. Покрај сè, таа сепак веруваше дека онаа негова промена кога се надвор од дома, ќе исчезне, еден ден ќе ја нема и сè ќе биде нормално, затоа и беше упорна да ја зачува нивната љубов.
Но, со текот на времето таа сфаќаше дека тие промени се дел од него и никогаш нема да исчезнат, па се одлучи да научи да живее со тоа.
Како што поминуваше извесен период, таа учеше да живее со неговите промени, но несвесно учеше и да живее без него… Еден ден таа сфати дека веќе ѝ е сеедно, па дури и неосетно се однесуваше поинаку кон него.
Тој тоа го забележа, па ја праша „Ме сакаш? Колку?“. Без никакво размислување, ѝ излета од устата „Те сакам. Но, не те сакам како порано“.
Тој малку се шокира, па и тажно ѝ рече „Знам, гледам веќе извесно време…“ Па таа се сожали и му кажа само: „Те сакам доволно за да бидам со тебе, но не те сакам толку, па да не можам без тебе. Можам, можеш и ти. Ама ајде сега, тоа не е важно“.
Разговорот беше завршен, но затоа тој продолжи да ја опсипува со многу повеќе љубов, речиси како некогаш… Па, бидејќи таа знаеше дека ако си дозволи, може и целата љубов да исчезне, затоа помисли дека треба да се потруди.
Заради работа, неколку дена не беа заедно. Па се случи и тоа, таа да му се налути затоа што не ја известил што прави, а од него доби само „Нели тебе веќе ти е сеедно?“ Таа толку се разочара зошто знаеше дека сето тоа е резултат на неговото дружење со блиските, другарите, па, веројатно таа и не му фалеше многу, многу. Веќе започна да се прашува дали можеби и нему му станува сеедно…
„Е па, сеедно. И премногу размислување не е на арно. И премногу планирање не носи добри резултати. Опушти се и биди среќна што воопшто си жива и што сега можеш да ја чувствуваш топлината на пролетното сонце. Сакај се себеси повеќе од сè друго и никогаш немој да бидеш искрена со никого. Кажувај им го на луѓето она што сакаат да го слушнат, бидејќи на овој свет за добар живот, друг начин и не постои“, си кажа себеси.
Му потекоа солзи кога ја гледаше како си ги собира работите. Кога таа ја зеде рамката и ја извади нивната слика за да ја фрли, тој стана и ѝ рече „Те молам, размисли уште еднаш. Те сакам повеќе од сѐ“.
Таа ја врати сликата во рамката, го гушна силно и му рече: „Вечно ќе бидам со тебе. Еве, чувај ме, па секогаш ќе те потсетувам колку многу љубов можеш да добиеш од една жена и колку малку треба да направиш за да не ја изгубиш“, му рече тивко, подавајќи му ја сликата и го остави.
„Жената навистина многу зборува, но сепак, слушај ја. Еден ден ќе се умори, не од зборување, туку од зборување на празно, па знае и да си оди… Е тогаш тишината ќе те полуди“.