Единствениот начин со сигурност да дознаете дали вашите „пливачи“ се здрави е да направите специјалистичка проверка. Сепак, постојат неколку индикатори кои укажуваат на добрата состојба на вашата семена течност.
Еве кои се тие:
Рибата е дел од вашата секојдневна исхрана
Експертите велат дека омега 3 масните киселини кои се наоѓаат во рибата и во повеќето видови морска храна, се есенцијални за машкото репродуктивно здравје. Овие здрави масти не само што се добри за вашето срце, туку се клучни и за формирање на многубројна пливачка војска.
Имате рамен стомак
Без разлика дали со вежбање ги имате постигнато посакуваните 6 плочки, или само природно немате стомаче, многу е веројатно дека вашите сперматозоиди се совршено здрави. Експертите не се многу сигурни зошто е тоа така, но веруваат дека улога игра фактот што добрата телесна тежина е поврзана со правилно лачење на сексуалните хормони.
Вежбањето е ваше хоби
Редовната телесна активност не е добра само за вашата фигура, туку е добра и за здравјето на вашата сперма. Истражувачите откриле дека концентрацијата на спермата на мажите кои вежбаат по 15 часа неделно или повеќе, била за 73 проценти поголема, за разлика од останатите. Се верува дека добрата физичка форма и подготвеност е неопходна за победничко репродуктивно здравје.
Носите боксерки
Доколку обичните гаќи ви се непријатни за носење, поверојатно е дека вашите сперматозоиди побрзо се движат, а со тоа можат побрзо да стигнат до јајце клетката пред да изумрат. Експертите сугерираат дека тесната долна облека предизвикува зголемување на температурата помеѓу вашите нозе, што може да резултира со произведување на сперматозоиди кои не се доволно подвижни.
Некои црти од вашето лице се женствени
Истражувачите покажуваат дека мажите со премногу мажествени црти на лицето имаат најслаб квалитет на спермата. Некои од научниците сметаат дека поголемиот дел од нивните репродуктивни извори се трошат на видливите секундарни сексуални карактеристики, како што е густата брада и широката машка вилица, наместо да се искористуваат за производство на здрави сперматозоиди.
Немате длабок глас
Преку научни истражувања е воочено дека мажите кои имаат нешто повисок глас од вообичаеното имаат поквалитетна сперма, за разлика од оние со подлабок глас. Причината за тоа лежи во преголемото ниво на тестостерон кај мажите со подебел глас, што може да го потисне производството на сперма.
Не ја подгревате храната во пластични садови
Хемикалијата бисфенол-А која ја има во пластичните садови може да се пренесе и на храната за време на подгревањето. Ова сигурно не сакате да се случи бидејќи истражувачите воочиле дека оваа хемикалија може да го наруши нормалното производство на семената течност. Пред да ја ставите храната да се грее во микробрановата, извадете ја пластичната кеса или кутија.