Sony официјално го претстави моделот Xperia Z3+, кој служи како европската алтернатива на Xperia Z4, кој засега се продава само во Јапонија. Новиот модел е сличен на претходникот, а повеќето разлики се во внатрешноста…
Големината на екранот останува идентична како кај Xperia Z3 – 5,2 инчен екран со FullHD резолуција од 1920 x 1080 пиксели, иако засега не е јасно дали ќе добиеме подобри бои и контрасти. Во внатрешноста овојпат се наоѓа octa-core Snapdragon 810 процесор со 64-битна архитектура, надополнет со Adreno 430 графички процесор и 3GB RAM.
Камерата останува со резолуција од 20,7 мегапиксели и сеуште нема оптичка стабилизација на сликата, додека пак предната камера е надградена од 2 мегапиксели на 5 мегапиксели за подобри #selfie фотографии. Телефонот е потенок (6,9 наспроти 7,3 милиметри), но затоа батеријата е намалена од 3,100 милиампер часови на 2,900 милиампер часови.
Една од уникатните карактеристики е IP65/68 сертификатот, што значи дека телефонот може да издржи во вода до длабочина од импресивни 3 метри. Цената засега е непозната, а продажбата ќе започне во текот на идниот месец.